Ребалансот на буџетот помина во Комисијата за финансирање и буџет

Дваесет и пет милиони денари дополнителни средства во здравството, животната средина, инфраструктурата се обезбедуваат со дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2022 година, што го усвои Владата на седница денеска, а треба да се достави во Собранието на усвојување. Средствата се обезбедени преку прифаќање на амандманите во текот на комисиската расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет по предлог ребалансот на Буџетот за 2022 година. Со нив меѓу другото се решава трајно проблемот со индустриската депонија во Југохром, се обезбедуваат средства за мамографи за болниците во Струмица и Неготино, прочистување на коритото на реките Вардар и Треска, реконструкција на Мороишки мост и изградба на кружен тек, проектна документација за културниот дом Чегране и друго, информираат од Министерството за финансии.

Ребалансот на Буџетот за 2022 година е одговор на кризата, односно се овозможува дополнителна интервенција за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите до крајот на годината, во услови на продолжена енергетска и ценовна криза.

Со измените и дополнувањата на Буџетот за 2022 година вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот или 2,9 %. Вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или повисоко за 5,9%, односно за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3% од БДП.

Со ребалансот се обезбедуваат 19 милијарди денари повеќе во ставки кои се однесуваат на имплементирање на економските мерки за поддршка на граѓаните и економијата. Меѓу нив се дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите, 3,2 милијарди денари за поддршка на земјоделскиот сектор, 2,4 милијарди денари за гарантиран минимален приход, повеќе средства за предвидениот раст на пензиите, за платите во образование и детска заштита, како и за поддршка на компаниите за субвенционирање на придонесите за минималната плата.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,1 милијарди денари, при што се планирани инвестиции во реконструкции и модернизациии со опрема кај јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и зголемен износ на средства за рурален развој, односно хидро системи, водоснабдителни и канализациони системи, останата водостопанска инфраструктура.

Економскиот раст во 2022 година е проектиран на 3,2%, придвижен од домашната потрошувачка, која се очекува да забележи раст од 3,3 %. Бруто-инвестициите се очекува да имаат раст од 5%, при што покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции, појаснуваат од министерството.

Претходна вестМПЦ – ОА: Неприкосновено е зачувување на македонските национални интереси
Следна вестШарл Мишел: Македонци, имате историска можност да кажете –  Да