Речиси секоја трета жена во земјава била сексуално малтретирана, покажува истражувањето на ОБСЕ

Половина од жените во Македонија искусиле некаков вид насилство во текот на својот живот, а речиси секоја трета жена била сексуално малтретирана. Низ физичко или сексуално насилство поминале 14 отсто од жените во земјава, а една од 10 жени била жртва на демнење.

Ова се наодите од истражувањето на ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените кои денеска ги презентира шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал, на јавната расправа „Спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“.

Иако правната рамка во С Македонија е солидна, законска регулатива за спречување и заштита од насилство врз жените, рече тој, мора целосно да се спроведува за да обезбеди брз одговор и подобра заштита на жртвите.

-Законите против насилството се делотворни онолку колку што е нивното спроведување за кое се потребни ресурси, обука, и координиран пристап меѓу сите чинители, полицијата, судството, давателите на здравствени услуги и социјалните служби. За да се постигна ова, од клучно значење е вистинското спроведување на реформите кои произлегуваат од Инстанбулската Конвенција. Разрешувањето на насилството врз жените не значи само штитење на жените. Тоа значи градење општество во кое секој може да живее без страв, рече Вал на денешната јавна расправа по повод Меѓународниот ден против насилство на жените што се одржа во собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.

Амбасадорот истакна дека земјава има направено меѓународни заложби за спречување и борба против насилството врз жените – Акцискиот план на ОБСЕ за родова еднаквост, одлуката на Министерскиот совет од Љубљана за спречување и борба против насилството врз жените, како и Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство – Истанбулската Конвенција.

Дека по однос на прашање има подобрување во легислативата за разлика од пред 15 години, но оти и натаму останува предизвикот наречен имплементација, согласна е и Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. Невозможно е имплементирање на закон, како што рече, без да се предвидат финансии за спроведување на истиот.

-Она што не се предвиди кога се усвои Законот за превенција и заштита од насилство врз жените и семејно насилство е колку пари ќе не чини како држава. Повеќе од три години до усвојувањето на Законот не сме ниту блиску до исполнување на минимум стандардите за специјализирани услуги, не сме ни блиску до овозможување на достапни и пристапни специјализирани сервиси за жени и деца кои преживеале насилство. Не знам дали има потреба повторно да се унапредуваат законите или треба пред себе да си признаеме дека додека не сме спремни да одвоиме пари, барем да не се лажеме дека правиме нешто. Не може да постои специјализирана услуга квалитетна, континуирана без да има за тоа предвидени средства, порача Димушевска на денешната јавна расправа.

Претходна вестАдвокатска комора: Надлежните да ги идентификуваат и приведат одговорните за пожарот