Пратеникот Скендер Реџепи Зејди коментирајќи ја одлуката на Кастриот Реџепи да не дојде на седницата и да гласа, рече кој еднаш те предал, повторно ќе те предаде.
-Последен пат контактирав со него пред четири години кога се оделивме од Беса. Кој еднаш те предал, повторно ќе те предаде, изјави Скендер Реџепи.
Пред четири години се формираа две фракции на Движењето Беса, при што едната продолжи како Беса, а од другата се формираше Алтернатива на чие чело е Африм Гаши и кои во моментов се во коалиција со Алијанса за Албанците и имаат четири пратеници.
Реџепи Зејд денеска во изјава пред Собранието рече дека останува на истата позиција, односно дека „оваа Влада треба да оди во опозиција“.
– Дојдовме тука да гласаме за пад на оваа Влада и нашиот став останува дека власта треба да оди во опозиција, рече Реџепи.
На прашањето дали би биле дел од некоја влада предводена од СДСМ, пратеникот на Алтернатива изјави дека тие во моментов се опозиција и оти битката ја водат како опозиција.
– Ако во иднина би имале некоја понуда, тоа ќе биде разгледано во партиските органи. Сега наша цел е да ја урнеме оваа власт до 24 часот, изјави Реџепи.
Скендер Реџепи Зејд беше првиот пратеник кој се предомислуваше дали ќе гласа за пад на Владата, откако дозна дека на иницијативата стојат потписи на Левица. Откако беа повлечени потписите на неколку пратеници, меѓу кои и на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, Скендер Реџепи се согласи да гласа за пад на Владата.