Реформа: Тројца наставници за еден школски предмет, ќе се договараат за секоја оценка

Новoзамислениот концепт на основното образование кој се уште не е ставен на јавна расправа веќе од министерството се нагласува дека би требало да започне од наредната учебна 2021/22 година. Први би стартувале учениците од прво и од шесто одделение. Потоа секоја следна година би продолжувал во останатите одделенија, за на крај целосно да се промени образовниот систем во период од пет години.

За концептот и други новини во основното образование на денешната конференција за печат зборуваат министерката за образование Мила Царовска и професорката Виолета Петровска – Бешка, која е дел од тимот кој го изработуваше концептот.

Предвидено е да има осум задолжителни предмети за учениците што следат настава на македонски јасни, односно девет за оние што следат настава на друг јазик, бидејќи од четврто одделение нагоре е предвиден и македонски јазик како задолжителен предмет.

-Задолжителните предмети се поделени во две групи. Во првата спаѓаат 5 предмети: мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски, босански), математика, природни науки, општествени науки и англиски јазик. Оваа група задолжителни предмети ќе ја има во сите одделенија, од прво до деветто, некогаш со помал некогаш со поголем фонд на часови, зависно од возраста на учениците. Втората група од 3 задолжителни предмети се: уметничко образование (музичко и ликовно), физичко образование и предмет чиј работен назив е техничко-технолошко-информатичко образование (ќе опфаќа содржини за техниката и информациката технологија, зависно од возраста на учениците), беше објаснето на прес конференцијата.

Во предметот природни науки ќе бидат опфатени содржините од биологија, хемија, физика и физичка географија. Во општествени науки, пак, ќе бидат содржините од предметите: историја, општествена географија, граѓанско образование, религија, етика.

На учениците од првото до деветто оделение ќе им се нуди и листа на слободни изборни предмети која училиштата ќе ја формираат зависно од возраста на учениците.

Беше објаснето дека кај интегрираните предмети наставата ќе ја држат повеќе наставници.

-Наставникот по секој предмет ќе си држи посебен час на кој ќе се обработува аспектот на истата тема. Темата може да се обработува и цело полугодие. Еден час ќе го води води наставник по биологија, друг час наставник по хемија, трет час по физика. На пример, ако темата е заштита на животна околина, од биологија ќе учат за влијание на човекот врз средината, на хемија ќе учат за заштитата од загадување, а на физика ќе учат за обновливи извори на енергија. Но тоа не значи дека сето тоа ќе го учат во еден час. Оценките ќе се креираат со континуирана соработка меѓу наставниците. На пример, за општествени науки, ќе седнат наставниците и заеднички како што ќе се договараат за часовите, така ќе се договараат и за оценките. Секој за својот дел ќе си формира оценка, па заедно ќе формираат една оценка, појасни професорката.

Инаку, не беше прецизно објаснето зошто токму во овој тајминг кога македонската историја е на удар се предвидува предметот историја да се претопи во општ предмет.

Претходна вест36-годишник намамувал на обљуба 11-годишно девојче
Следна вест„Левица“: Златко Марин расипнички ја води општина Аеродром и не се разликува од претходникот