„Рекет“ не е расчистен, барам фер шанса за да ја докажам својата невиност, Заев беше човекот што комуницира директно со сите, вели Бојан Јовановски

Бојан Јовановски, денеска, во Кривичниот суд предаде барање за повторување на кривичната постапка за предметот „Рекет“, во кој како првообвинет беше осуден на казна затвор од девет години. Оваа одредба, како што појасни тој, ја користи врз основа на прибавување нови докази.

-Случајот ‘Рекет’ не е расчистен. Тој случај треба целосно да се расчисти, сите инволвирани да одговараат, а јавноста, конечно, да дознае што точно се случувало и каде се парите. Затоа, денеска, официјално, во Основниот кривичен суд поднесувам барање за повторување на кривичната постапка со името ‘Рекет’, истакна тој, пренесува Макфакс.

Рече дека поседува цврсти докази, кои набргу ќе ги приложи, посочувајќи го експремиерот Зоран Заев дека е човекот што комуницирал директно со сите лица што биле кривично засегнати со постапките на СЈО.

-Обвинителката Вилма Русковска презентира само две-три пораки што сум ги разменил јас со тогашниот премиер Зоран Заев, а токму од тие две-три пораки излегува дека Зоран Заев знаел за случајот ‘Рекет’, но во една позитивна афирмативна смисла, односно дека тој е човекот што го бранел законот. А јас ќе ви кажам дека тој е сè, само не е човекот што го бранел законот. Значи, Зоран Заев беше човекот што комуницира директно со сите лица што беа кривично засегнати во постапките на специјалното јавно обвинителство. Зоран Заев беше човекот што од позиција на моќ имаше реален авторитет и можеше да влијае врз многу постапки и влијаеше врз многу постапки, посочи Јовановски.

Појасни дека зад случајот „Рекет“ стоела една политичка консталација на притисоци.

-Барам да ми биде дадена шанса во фер постапка, а не искривоколчена и избрзана, да ги докажеме материјалната вистина и фактичката состојба, т.е. што навистина со случувало во фамозниот ‘Рекет’, случај зад кој стоеше цела констелација на политички притисоци, додаде Боки 13.

Тој истакна дека притисоци му биле вршени и во пресрет на денешната прес-конференција, но, како што рече, воопшто не се плаши и ќе продолжи и понатаму да зборува.

Претходна вестДа придонесеме за поголема безбедност на децатаб во сообраќајот
Следна вестНа Шара за еден месец изгорени над 400 хектари шума, локалното население ретко помагало во гаснењето