Реконструирана улицата „Никола Карев“

Завршена е реконструкцијата на улицата „Никола Карев“, на потегот од крстосницата со булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ до крстосницата со улица „Ѓуро Ѓоновиќ“, објави денеска Градот Скопје.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска направи увид во реконструкцијата.

– За само една недела по почетокот на градежните работи на улицата „Никола Карев“ во центарот на Скопје, која беше во лоша состојба истата е целосно реконструирана. Работевме со забрзана динамика со цел да избегнеме сообраќаен метеж во овој дел од градот, со оглед на фактот што станува збор за фреквентна улица која поврзува повеќе клучни сообраќајници и се наоѓа во непосредна близина на Меѓуградската автобуска и Железничка станица. Со реализацијата на овој проект, исполнуваме уште едно ветување од програмата „За модерно Скопје”, затоа што потребите на граѓаните се наш приоритет, истакна градоначалничката Арсовска.

На улицата се изврши реконструкција на коловозот на површина од 3.800 метри квадратни, нивелација на шахтите и на сливниците, а се постави соодветна хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација. Градежните работи ги изведоа екипите на јавното претпријатие „Улици и патишта“ Скопје.

Претходна вестПописот во Албанија заврши, Македонците во Мала Преспа не губат надеж дека ќе бидат попишани
Следна вестИталија го забрани производството на култивирано месо