Реконструкцијата на неколку студентски домови во Скопје најавувана за првите месеци од годинава никако да започне. Стартот сега се одлага поради тоа што не била комплетирана сета документација потребна за почеток на поправките. Ова денеска го потврди и министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој рече дека има некои нерешени проблеми.
-Поради некои документи што недостигаат има одложување во постапката. Се работи за нерешени имотно-правни проблеми и многу работиме во овој период за ден поскоро да почнат конкретните постапки – реконструкција на студентските домови во градот Скопје, изјави Шаќири одговарајќи на новинарско прашање по презентацијата на резултатите од Европското општествено истражување (ЕОИ).
МОН пред околу четири месеци најави дека во првите месеци на 2023-та ќе почне реконструкцијата на студентските домови, најпрво на оние со најлоши услови, таа ќе биде етапна и за три години да бидат реновирани сите државни домови во кои се сместени студентите. Министерството денеска соопшти дека идната академска година се очекува да биде подготвен за прием на студенти новиот студенски дом кој се гради за потребите на Универзитетот во Тетово. Градежните работи се целосно завршени, а во моментов се опремуваат собите и просториите во домот.
Шаќири најави дека ќе се сретне со директорката на Државниот испиттен центар во врска со барањата на средношколците за начинот на полагање на државната матура
-Ќе треба да се разгледа законскиот основ, што дозволува законот да се промени во овој период за организација на државната матура. Идната недела ќе имам состанок со директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) за уште еднаш да ја известиме јавноста кои се материјалите и што е предвидено во нив и барањето на учениците да се разгледа, рече тој.
Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС) вчера најави предупредувачки протест за в петок за да го актуализира барањето за олеснување на полагањето државна матура зашто сметаат дека се оштетена генерација.