Рељиќ остана без шанси за медал, Аун поразена од Иранката Киани

После тесниот пораз од Летиција Аун, македонската таеквондистка Милјана Рељиќ чекаше триумф на Либанката за влез во финалето и преку репасажот да ги одржи шансите за бронзениот медал во категоријата до 57 кг на Олимписките игри во Париз.

Но, во полуфиналето Аун загуби убедливо со 10:3 и 9:0 од Иранката Нахид Киани која воедно е  светска шампионка.

Во оваа категорија за златниот медал ќе се борат Киани и Кин Ју-џин од Јужна Кореја.

Рељиќ и покрај ваквиот епилог, дефинитивно не разочара во нејзиниот настап, таа во ниту еден момент не попушти, заслужи со своите одлични борби да се најде во мечевите за медал.

Во осминафиналето Македонката ја елиминираше двократната олимписка шампионка Џејд Џонс од Велика Британија, а потоа минимално беше поразена од Аун во четвртфиналната фаза и малку недостасуваше да биде меѓу најдобрите четири таеквондистки на олимпискиот турнир во категоријата.

Милјана Рељиќ беше петтиот македонски спортист кој го имаше својот настап на Игрите во Париз, а нашиот последен шести олимпиец е атлетичарот Дарио Ивановски кој ќе настапи на маратонот кој ќе се одржи на 10 август со почеток во 08.00 часот.

Претходна вестДвајца осуденици во Затворот Скопје претепани со метални и дрвени предмети
Следна вестДенес сончево, попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер