Централизација на радиологијата и ангажирање на сите лекари од ова дејност за што побрзо поставување на дијагнози за бројни пациенти, најави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити. Тој објасни дека читањето на рентген снимките лекарите ќе можат да го прават и од дома.
– Во одреден град ако има доктор што чита дневно еден ренген на една рака или нога, сега натаму нема да биде така, онлајн ќе бидат вклучени сите. Ќе има ограничен број колку дневно да си ја изработи платата, колку треба да прочита. Над тој број и дома нашите радиолози, ако сакаат за повеќе финансиски примања, ќе имаат можност да прочитаат со цел да не се чека толку долго, најави денеска министерот Меџити.
Тој објасни дека се работи на систематизацијата и на реорганизацијата. Според него, сега има проблем да се закаже термин кај специјалист и проблем се дијагостичките процедури, па граѓаните се принудени да плаќаат во приватно здравство. Нагласи дека тој и неговиот тим работат на тоа да се надминеме овој проблем.
-Пред три недели ги пуштивме сите екипи, сите контролори и инспекции се на терен. Имаме подобрување во тој контекст. Јас од првиот ден велам дека треба целосна реорганизација на здравствениот систем во нашата држава. Треба систематизација на здравството, ние работиме напорно, презедовме мерки и ќе имаме точни резултати за неколку недели, дека имаме подобрување и ќе продолжиме да работиме“, рече Меџити кој додаде дека во Клиничкиот центар има доволно и здравствени работници и сестри.