Уништувањето на јавните добра кои им служат на граѓаните никако да запре во градот. Вандалите, кои деновиве уништија дел од новите тротинети, сега уништија неколку контејнери за собирање на ѓубре поставени на градските улици.
-Во текот на изминатите два дена, непознати сторители опожариле три сада наменети за одлагање комунален отпад на главната улица во скопската општина Ѓорче Петров, соопшти денеска градското јавно претпријатие „Комунална хигиена“.
Еден од контејнерите бил лоциран спроти Европската очна клиника, додека останатите два контејнера се опожарени во непосредна близина на Геријатриската болница. Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје извршија целосно расчистување на микролокациите и поставија нови садови.
-Опожарувањето на контејнерите значително ја нарушува динамиката на одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад во градот Скопје. Апелираме да престане уништувањето на садовите наменети за одлагање на отпадот, за екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен, согласно Оперативната програма за работа. Сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени до надлежните органи од страна на Претпријатието и очекуваме да бидат преземени соодветни мерки за изнаоѓање и санкционирање на сторителите, изјави директорката Косана Николиќ Мазнева.



