Темен режим Режим на светлина

Стипе Месиќ: Атрактивноста на ЕУ помалку избледнува, во Брисел се бирократи со големи плати

Повик до ЕУ да овозможи што побрзо придружување на земјите од западен Балкан и став дека Македонија тоа одамна го заслужи, кажа денеска Стипе Месиќ, поранешен претседател на Хрватска. Тој учествуваше на Македонскиот енергетски форум 2023 кој се одржува во Скопје и зборуваше за енергетските и политичките состојби и предизвици за државава и регионот.

-Македонија веќе одамна мораше да биде членка на Унијата и затоа ја повикувам претседателката на Европската комисија да стори сè со цел кон Унијата што побрзо да ѝ се придружат земјите од Западен Балкан и да покаже повеќе емпатија за граѓаните и граѓанките во овој дел од светот, рече тој.

Тој додаде дека од примерот со Украина се виде дека патот кон Европа може да биде и побрз.

-Сегашната Европа во ЕУ е малку уморна од здружувања, а земјите кои не се влезени во ЕУ се уморни од чекање. Наједноставната порака за државава е да се исполнат стандардите и условите од Европската унија, за да се забрза зачленувањето во ЕУ. Атрактивноста на ЕУ помалку избледнува и тоа не е добро, бидејќи творците на ЕУ беа лидери и знаеја што сакаат. Денес, мора да ми простите, но не гледам вистински лидери, ниту во Европа, ниту во светот, тоа се бирократи во Брисел со големи плати, но не гледам резултати, рече Месиќ.

Творците на ЕУ, потсети тој, замислиле цела Европа да се здружи, да се отворат границите и да соработува меѓу себе, со што би се исклучува војната како политичко средство. Европа ќе стане голем играч само ако е здружена и што е најважно тоа ќе биде континент на мирот.

-Дали се за тоа свесни тие што во Брисел и надвор од Брисел е друго прашање, но според она што се презема јас немам чувство дека некој размислува за тоа, посочи Месиќ.

Посочувајќи дека геополитичката криза ја продлабочи енергетската криза, поранешниот хрватски претседател рече дека се донесуваат тешки одлуки и членките на Унијата се подготвуваат за некое ново време.

– Јас навистина ја поддржувам европската независност на енергијата, но начинот на кој таа сега се гради и убиецот на геополитиката, ја става Европа во позиција на некоја нова енергетска зависност со таа разлика што некои енергенси сега ги плаќаме четири пати поскапо. Тоа не е долгорочно решение и е закана за глобалната конкурентност на ЕУ. Разбирам дека Унијата мора да биде амбициозна во решавањето на прашањата за енергетска независност и дека секоја земја мора да ја одигра својата улога, но мора да биде и флексибилна, бидејќи различни земји имаат и различни енергетски околности и економска вистина. Ниедна земја во нашиот регион не би смеела да биде жртва на таа нова политика на енергетска независност која ја води Брисел, ниту сега ниту во следните 10 години, рече Месиќ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Курти за изјавата на Блинкен: Наивна, нефер и погрешна

Следна објава

Демократскиот сојуз: Евроинтеграциските процеси ги блокираат власта и Бугарија