Републиканска партија: Имаме докази дека Бајден примил мито како потпретседател на САД

Американската републиканска партија тврди оти има докази, аудио снимки, кои сведочат дека Џо Бајден, додека бил потпретседател на САД, примал мито. Случајот е наречен „Брајб гејт“ (Brib-gate), што се поврзува со скандалот „Вотергејт“ (Watergate) и зборот „брајб“ што значи „поткуп“.

Бајден, како што се тврди, во 2016 година, кога беше потпретседател на САД, исплатата на финансиската помош за Украина ја условил со оставка на украинскиот државен обвинител Виктор Шокин. Во тоа време, Шокин ја водеше истрагата против украинската енергетска компанија Бурисма, во чиј надзорен одбор беше и Хантер Бајден, синот на претседателот.

– Државјанин на странска земја, за кого има сомнежи дека го подмитил Бајден, очигледно тајно снимил 17 аудио снимки, изјави републиканскиот сенатор Чак Гресли од американската сојузна држава Ајова во Парламентот.

Во исто време, Гресли се повикува на основачот на компанијата Бурисма, Микола Злочевски, наведувајќи дека изворот за овие тврдења е од ФБИ. Гресли изјавил дека со помош на тие записи Злочевски сакал да се осигура во случај да биде откриена работата.

За време на сослушувањето во Конгресот, сенаторот Тед Круз го праша заменик-директорот на ФБИ Пол Абате дали тие навистина ги имаат снимките, на што му беше одговорено дека не може да се зборува за истрага која е во тек.

Републиканскиот конгресмен Џејмс Комер од Кентаки, кој ја води истрагата во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, изјави дека на две аудио снимки се слуша Џо Бајден, а на другите, тогашниот менаџер на компанијата Бурисима, Хантер Бајден.

Комер тврди оти сите разговори биле за условите за исплата на мито, како и дека Бајденови добиле по пет милиони долари.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој во моментов е под голем притисок поради обвинението поврзано со доверливи документи, минатата недела најави дека „по неговиот реизбор за претседател ќе назначи специјален истражител“.

Трамп рече дека специјалниот истражител треба да се занимава со истрагата против, како што наведе, „најкорумпираниот американски претседател на сите времиња“, односно целото „криминално семејство Бајден“.

Републиканската партија најавува дека ќе ги објави доказите за наводната милионска корупција на семејството Бајден, односно аудио снимките, кои треба да го поткрепат ова, да бидат објавени како дел од работата на Истражниот комитет на Конгресот.

Претходна вестПОА се интегрира во МПЦ-ОА: Јован Вранишкоски стана митрополит крушевско-демирхисарски, епископот Давид викарен епископ на Скопската епархија…
Следна вестРаст на просечната плата, надмина 600 евра