Согласно Владината одлука за измена на начинот на достава на решенијата за изолација на лица позитивни на ковид-19 и на нивни контакти, од денеска е во функција платформата на која секој граѓанин што има потреба да дојде до сопственото решение за изолација ќе има пристап.
Од Владата потенцираат дека притоа, секој поединец ќе има пристап единствено до своето решение без да има увид во податоците на другите граѓани на кои им е издадено решение за изолација.
Пристапот е можен преку банер на веб-страницата на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (http://dszi.gov.mk/) кој ве носи до порталот Вакцинација.мк или директно на https://vakcinacija.mk/.
Постапката е следна:
– Граѓаните што досега немаат креирано профил, ќе треба да се регистрираат на порталот со креирање профил преку кој се овозможува генерирање на решението за изолација, кое е дигитално потпишано од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
– Сите лица што досега имаат свој профил на vakcinacija.mk, ќе може да го генерираат решението на ист начин како и сертификатите за ковид-19 вакцинација или за прележан ковид-19.
Според правилата, секое лице што се тестира за ковид-19 веднаш по спроведеното тестирање треба да биде во самоизолација сè до добивање на резултатот. Доколку резултатот е позитивен, останува во изолација уште седум, односно најмалку десет дена, во зависност од тоа дали развил симптоми на болеста.
По најавата дека решенијата за изолација ќе се поставуваат на веб-страница, се јавија бурни реакции во јавноста.
Од Владата тогаш објаснија дека личните податоци на пациентите ќе бидат заштитени, односно секој ќе има пристап само до своето решение.
Минатата недела имаше средба на претставници на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Државниот здравствен и санитарен инспекторат, при што Комисијата ќе ги следи наредните чекори во насока на решавање на овој проблем и доколку предложениот концепт нема да содржи елементи на дискриминација ќе го поддржи.