Роковите за донесување на клучните закони за спроведување на реформи во јавната администрација континуирано се одложуваат, а спроведени се само 52 отсто од планираните активности, утврдија државните ревизори. Ова е наведено во извештајот кој ја оценува успешноста на „Реформата во јавната администрација“ што денеска го објави Државниот завод за ревизија.
-Советот за реформа на јавната администрација е највисоко политичко тело за координација на активностите. Во периодот од 2018 до 2022 година извршени се шест промени во неговиот составот, како последица од постојаните структурни промени во Владата, со одржани само седум состаноци за период од четири години, а од последната од јули 2021 година до крајот на 2022 година, повеќе од една и пол година, не е одржана нова седница, истакнуваат од ДЗР.
Во извештајот се наведува дека од вкупно 205 планирани активности реализирани се само 106 активности што претставува 52 отсто реализација.
– Роковите за донесување на клучните закони за спроведување на реформи во јавната администрација континуирано се одложуваат. Постапката за донесување на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници и Законот за високо раководна служба е отпочната во 2019 година и истата се уште трае. Наведувата ревизорите.
Во извештајот е нотирано и честото именување на вршители на должност – в.д директори.
-Во периодот од 2018 до 2021 година, 52 отсто од вкупниот број на именувани раководни лица се в.д. директори или нивни заменици, чиј избор е без објавување на јавен оглас, што влијае врз професионализацијата на високата раководна служба, доброто управување во институциите на јавниот сектор и ја намалува отчетноста на постапката на избор на раководни лица на институциите, стои во извештајот.
Вкупно планираните средства за спроведување на мерките од Стратегијата изнесуваат 1.802.140 илјади денари односно околу 30 милиони евра, при што најголемо учество од над 56 отсто се обезбедени од фондови и инструменти на ЕУ.
-Четвртиот годишен извештај од 2021 година не содржи целосен финансиски преглед и дадена е анализа само за потрошени средства во износ од 1.111.359 илјади денари, односно за околу 18 милиони евра, што претставува 61 отсто од вкупно планираните средства за период 2018-2022 година, укажуваат ревизорите.