Ревизорите утврдија: СЈО незаконски исплатило 4,6 милиони евра додатоци на плата

Поранешното Специјално јавно обвининителство на повеќе лица незаконски исплатило скоро 4,6 милиони евра по основ надомест за тајност, утврдиле државните ревизори по контролата направена во документацијата. Во соопштението на ДЗР се наведува дека ревизијата на усогласеност во Специјалното јавно обвинителство за периодот 2015 – 2019 година на тема „Плати и додатоци на плати и други надоместоци, била направена на барање на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

-Износот на исплатени додатоци за 2015 година го надминува износот на исплатените средства за основната плата по лице, како и дека за периодот јануари 2016 – септември 2019 по основ на надоместоци за почитување на принципот на тајност и за посебна заштита на приватност биле исплатени средства во вкупен износ од 282,89 милиони денари (речиси 4,6 милиони евра) за кои ревизијата не обезбедила соодветен законски критериум, се наведува во соопштението.

Во ревизорскиот извештај се нотира дека додатоците на плата за 2015 година кои што се предвидени за Јавниот обвинител и јавните обвинители во ова обвинителство, го надминуваат износот на исплатени средства за основната плата по лице. Правото на додаток на плата на Јавниот обвинител и јавните обвинители во СЈО е уредено со член 14 од Законот за СЈО, согласно кој се утврдени додатоци на плата и тоа: додаток за посебните услови за работа, додаток за постоење на висок ризик и додаток за доверливост.

-Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители од декември 2015 година, уредено е дека вкупниот износ на висината на додатоците не може да изнесува повеќе од 35 отсто од основната плата на јавниот обвинител, додека за висината и начинот на утврдување на додатоците, потребно е јавниот обвинител да донесе посебен акт, појаснуваат од ДЗР.

Претходна вестПресуди за „Насилство во Центар“:  За Груевски година и пол затвор, за Јанакиески условна казна
Следна вестУште еден црн биланс: Починале 8 пациенти од вирусот, новозаразени се 112 лица