Ревизорски извештај: Разликите меѓу регионите во Македонија не се намалуваат, иселувањето не запира…

Политиките за рамномерен регионален развој во Македонија не ги даваат очекуваните резултати, се предупредува во објавениот извештај на Државниот завод за ревизија за „Рамномерен регионален развој со посебен акцент на демографијата“. Во него се наведува дека Стратегијата за регионален развој 2021-2031 година е донесена со задоцнување, врз основа на проценка за населението, која отстапува од резултатите од Пописот.

-Социоекономските и демографските диспаритети помеѓу и во рамките на планските региони не се намалени и покрај преземените активности на централно и регионално ниво во претходните години. Разликите во социо-економскиот развој укажуваат на неефикасно планирање на активностите за ефективно остварување на политиката за рамномерен регионален развој. Потребно е ревидирање на предвидените мерки на национално, регионално и локално ниво и координирано дејствување за намалување на диспаритетите,  зголемена атрактивност на регионите и поквалитетен живот на населението, се посочува во извештајот од ДЗР.

Ревизорите укажуваат дека за поттикнување на рамномерниот регионален развој од Буџетот на државата годишно треба да се издвојуваат средства од најмалку 1 отсто од БДП. Намената им е за финансирање проекти се распределуваат по плански региони.

-Со ревизијата се забележува тренд на пораст на издвоените средства за оваа намена во последните години, но не се во висина на законски утврдените. Во периодот 2019 – 2021 година, од Буџетот на државата, во функција на рамномерен регионален развој, алоцирани се средства во вкупен износ од околу 9 милијарди денари, што претставува 46 отсто од законски утврдениот минимум, а искористени се 83 отсто односно околу 8 милијарди денари, се истакнува во извештајот на ДЗР.

Се предупредува и на тоа дека распределбата на средства по региони не е извршена согласно утврдениот степен на развиеност.

-Скопскиот регион како најразвиен, иако треба да учествува со 7,2 отсто,  а Североисточниот како најнеразвиен со 17,3 отсто од вкупните буџетски средства за оваа намена, во Скопскиот регион алоцирани се 26,2 отсто, за разлика од Североисточниот регион кој добил 8,4 отсто, констатира ДЗР.

Се потенцира дека социоекономските и демографските диспаритети помеѓу и во рамките на планските региони не се намалени.

-Природниот прираст на населението како значаен индикатор за утврдување на демографскиот индекс, од 2010 година во континуитет бележи намалување, односно од 2,5 промили, во 2021 година има негативен предзнак и изнесува -5,4 промили. Тренд на намалување на стапката на природен прираст бележат сите региони, а најниска во Источниот и Пелагонискиот регион. Ваквата состојба се надополнува и со резултатите од спроведениот Попис на населението во 2021 година, кои покажуваат дека два региона (Вардарски и Југоисточен регион) не го задоволуваат критериумот за минимален број на население според  Номенклатурата на територијални единици за статистика (НТЕС 3) од 150.000 жители, а Источниот регион е на граница на утврдениот минимум, се посочува во извештајот на ДЗР.

Во последните десет години надворешните миграции главно имаат негативно салдо, а најмногу регистрирани иселени лица бележат Југозападниот, Вардарскиот и Полошкиот регион.

-Трендот на миграции на населението од селата доведува до нивно напуштање. Според резултатите од спроведениот Попис на населението во 2021 година, во државата има 205 испразнети населени места/села и во однос на 2022 година нивниот број е зголемен за 40 отсто, односно уште 58 села останале без ниту еден жител, се прецизира во извештајот од ДЗР.

Претходна вестТатко во Скопје, ја малтретирал 14-годишната ќерка, ја тепал со ремен, се обидел да ја прободе со нож
Следна вестДимитриевски: Би сакал да играм со Македонија на Светското првенство 2030