Платформата за родова еднаквост денеска уште еднаш упати барања до Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители за разрешување на случајот „Јавна соба“ и доследно пружање заштита на жените жртви на насилство.
Втор пат за кратко време Платформата се обрати со истите барања за што го постави рокот 8 март.
-На ваков начин, се праќа порака дека насилството врз жените не е казниво, насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување, а жртвите остануваат заплашени, засрамени и неми, изјави Јана Коцевска.
Таа потсети дека и по една година од првата „Јавна соба“ за сторителите има само обвинение, но не се изнесени пред лицето на правдата. Во меѓувреме се појави и втор ваков случај на Телеграм каде жени, девојки и девојчиња повторно беа изложени на злоупотреби на нивни лични фотографии и податоци и станаа жртви на понижување.