Резултатите од неодамнешниот попис на население во Македонија ќе се објават на 30-ти март. Ова денеска го најави директорот на државниот Завод за статистика Апостол Симовски, во интервјуто за емисијата „Студио 10“ на ТВ24.
-На 30. март ќе ги објавиме конечните резултати од Пописот, подготвуваме настан, во салата на Филхармонија. Секој граѓанин имаше право да се попише како што смета. Илузија е да се очекува да има раст на населението кога има пораст на емиграција. Пред 16 години се направи демографска стратегија, која беше многу погрешна. Ни емигрираат млади луѓе кои го носат наталитетот. Треба друг тип на политика. И кога ќе се направат најдобрите мерки не може да се очекува демографски бум, изјави во емисијата Симовски.
На 30 септември минатата година Симовски го објави успешно завршување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Македонија. На прес-конференцијата тој рече дека попишани се 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови.
Во дијаспората се самопопишале 204.805 македоински државјани, најмногу од западноевропските земји, а многу помалку од прекуокеанските земји, рече тогаш тој.