Мотодефиле и симулациска вежба на сообраќајна незгода со повреден мотоциклист беа организирани денеска во Скопје од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Министерството за внатрешни работи, Мотоциклистичката федерација и Црвениот крст на Град Скопје.
Мотодефилето почна од пред спортскиот центар „Борис Трајковски“, а заврши кај порта „Македонија“.
Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП информира дека настанот се реализира како дел од „Летната кампања 2020“ и има за цел подигање на свеста за поголема безбедност на мотоциклистите во сообраќајот.
– Бројот на загинати минатата година е 132 лица. Со два проценти во бројот на моторните возила во нашата република учествуваат мотоциклистите, а за жал 10 проценти од загинатите лица се мотоциклисти. Во текот на годината загинуваат 10 до 15 мотициклисти, истакна Кожуваровска.
Од Мотоциклистичката федерација и Црвениот крст истакнаа дека генерално секаде во светот сообраќајната инфраструктура не ги зема предвид мотоциклистите како уесници, па честопати таа сообраќајна инфраструктура е причина и за фатални последици од сообраќајните незгоди што се случуваат.
– Кога се во прашање мотоциклистите, сообраќајната култура во нашата земја не е исклучително лоша, меѓутоа соодветува со онаа во Европа, која генерало е лоша. Ќе потенцираме дека многу често се случува мотоциклистот воопшро да не биде препознаен како фактор во сообраќајот. Најчесто после сообраќајната незгода, во 95 отсто случаи одговорот на возачите на автомобили е дека не го виделе мотоциклистот. Ова кажува на потреба од посебен третмн, посебен едукативен елемент во обуката на возачите коишто мораат да обрнуваат внимание и да ги знаат спецификите и техничките можности на моторот, бидејќи моторот нема такви можности какви то има автомобилот, велат од Мотоциклистичката федерација и Црвениот крст на Град Скопје.
Тие апелираа до сите мотоциклисти со адреналински набој да не возат на улици, туку на места кадешто се превидени патики за брзо возење, додека во градот да се однесуваат со должна почит кон сите учесници на сообраќајот, да ги почитуваат сообраќајните правила, да ја носат потребната заштитна опрема и да внимаваат на туѓите грешки, бидејќи, како што рекоа, најчесто мотоциклистите се жтрви на туѓите грешки што се прават во сообраќајот.