Продолжуваат украинските напади со дронови на руска територија. Аеродромот во руската област Курск, на границата со Украина, бил цел на напад со дрон, соопшти утринава гувернерот Роман Старовојт.
– Во напад со дрон во областа на аеродромот Курск, се запали резервоар за складирање нафта. Немаше жртви, изјави гувернерот преку социјалните мрежи.
Министерството за одбрана на Русија синоќа соопшти дека руската армија соборила украински беспилотни летала кои нападнале две руски воздушни бази при што загинале тројца војници.
– Две воздушни бази во региони далеку од границата биле цел на беспилотни летала. Украински напад со беспилотно летало врз две руски воздушни бази во регионите Рјазан и Саратов резултираше со смрт на тројца војници и мала штета на два авиони, соопшти во понеделник руското Министерство за одбрана.
Дроновите биле откриени и уништени од противвоздушната одбрана.
– Голем број млазни беспилотни летала „советско производство“, кои летаа на мала височина, ги гаѓаа стратешките авијациски средства со долг дострел на аеродромот Дијагилево во регионот Рјазан и аеродромот Енгелс во регионот Саратов. Додека тие беа откриени и соборени од противвоздушната одбрана, остатоците ги погодија аеродромите „малку“ оштетувајќи два авиони. Тројца војници се „смртно повредени“, додека уште четворица се пренесени на лекување во воените болници, истакнаа од Министерството.
Украинските беспилотни летала претходно го нападнаа седиштето на Црноморската флота во Севастопол и цел на руската морнарица на Крим, но нападот во понеделникот стигна длабоко во Русија. Аеродромот Дјагилево е на повеќе од 500 километри од територијата под контрола на Украина, додека Енгелс е оддалечен околу 700 километри.