Русите ракетирале фабрика во Лавов, Украинците гранатирале болница во Доњецк…

Неколку ракети утринава ја погодиле фабриката за поправка на авиони во украинскиот град Лавов, во западниот дел на земјата. Градоначалникот Андриј Садовиј соопшти дека нема жртви во нападот, а уништена е фабричката зграда така што работниот процес е во прекин. Лaвов е еден од најбезбедните градови засега во Украина од каде минуваат хуманитарните коридори и каде се сместени голем дел од странските медиуми кои известуваат за војната во Украина.

Од друга страна, штабот за територијална одбрана на Народната Република Доњецк соопшти дека украинските сили ја гранатирале болницата во Доњецк.

– Како резултат на гранатирањето на Вооружените сили на Украина во областа Петровски во Доњецк, оштетена е зградата на болницата број 14, а три лица се повредени: двајца работници на медицинска установа и еден цивил, се наведува во соопштението.

Напоредно со ова, нема позначаен напредок во мировните преговори меѓу Русија и Украина. Новинските агенции ја пренесуваат и веста дека во разговорите со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, рускиот претседател Владимир Путин поставил јасни барања за прекин на инвазијата на Украина. Главниот советник на Ердоган, Ибрахим Калин, изјави дека барањата на Русија вклучуваат прифаќање на Украина да биде неутрална во иднина и да не стане членка на западната воена алијанса, НАТО.

Другите барања што ги поставува Путин вклучуваат „клаузула за деназификација“ и прифаќање од украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Крим сега е дел од Русија.

Од друга страна во обраќање до мајките на руските војници, претседателот на Украина Владимир Зеленски ги повика да проверат дали нивните деца се живи.

Претходна вестПендаровски го помилува Абдуљфета Алими кој беше осуден за настаните од 27 април
Следна вестЧетата на Лазаров најде сили и знаење за одлични завршни минути од натпреварот со Романија