Рускиот бизнисмен Самсоненко, неговата сопруга Ирина и мајката на Орце Камчев на црната листа на САД

Сергеј Самсоненко, рускиот бизнисмен и поранешен финансиер на ФК и на РК Вардар, неговата сопруга Ирина и Ратка Камчева, мајка на бизнисменот Јордан Камчев, се најновите имиња кои се најдоа на црната листа на САД објавена вчера во согласност со одлуката на американското Mинистерство за финансии. На листата се и неколку компании поврзани со нив.

Во образложението на одлуката се посочува дека сите наведени доспеале на листата поради нивната тесна поврзаност со Камчев, кој и самиот беше ставен на „црната листа” во јули годинава. Американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер соопшти дека станува збор за предупредување.

– Денешното соопштение е предупредување за поединци кои ја злоупотребуваат својата моќ и довербата на народот, дека САД ќе ги повикаат на одговорност корумпираните актери. Оваа назнака е потсетник дека соработката со одредени луѓе ќе има влијание врз вас и вашето семејство – се наведува во изјавата на Агелер објавена на фејсбук-страницата на американската амбасада во земјава.

Во ажурираната „црна листа“, Агенцијата за контрола на странски имоти во Министерството за финансии на САД, смести и неколку фирми поврзани со Камчев и Самсоненко:

„Бет сити интернешнал“, компанија за рекламирање, маркетинг и услуги – поврзана со Сергеј Самсоненко и Јордан Камчев;

„Камчев Консалтинг“ – поврзана со Ратка Куноска-Камчева;

„Орка Финанс“ – поврзана со Ратка Куноска-Камчева;

„Орка Холдинг“ – поврзана со Јордан Камчев;

„Систина лајф кеар центар“ – поврзана со Ирина Самосоненко.

Во соопштението на Министерството за финансии на САД, се наведува дека Сергеј Самсоненко е граѓанин со двојно државјанство на Русија и Северна Македонија и богат бизнисмен кој живее во Северна Македонија. Се посочува дека помеѓу 2017 и 2018 година, Самсоненко и неговата сопруга Ирина Самсоненко, исто така со двојно државјанство на Русија и Северна Македонија, купиле земјиште од Јордан Камчев. Оваа зделка, стои во соопштението, подоцна доведе до сведочењето на Самсоненко на суд во Северна Македонија на судењето во случајот „Парцели на Водно“, каде Камчев и неговата мајка Ратка Куноска Камчева беа обвинети за перење на пари.

-Во 2021 година, Самсоненко изврши исплати на неговата сопруга Ирина. Истовремено, Ирина направи трансфер на средства на Камчев Консалтинг Скопје ДООЕЛ и Орка Фајнанс Скопје ДООЕЛ; и двете компании се поврзани со Камчева. Исто така, во истиот временски период, парите трансферирани на Камчев Консалтинг и Орка Фајнанс беа искористени за исплата на заемповрзан со Орка Холдинг АД, компанија поврзана со Јордан Камчев. Покрај тоа, Самсоненко и Ирина ја купија компанијата Систина Лајф Кеар Сентар Скопје ДООЕЛ, друг субјект имплициран во судењето „Плацеви на Водно“, од Камчев и Камчева. Конечно, Бет Сити Интернешнл ДОО Скопје, спортска кладилница, е половина во сопственост на Самсоненко, а другата половина во сопственост на Орка Холдинг, чиј директор е Јордан Камчев, се наведува во соопштението.

Според Министерството за финансии на САД, Самсоненко, Ирина и Камчева се санкционирани согласно Извршната наредба 14033 за обезбедување материјална помош, спонзорство или обезбедување финансиска, материјална или технолошка поддршка за, или средства или услуги за или во поддршка на Јордан Камчев, лице чиј имот и имотни удели се блокирани согласно Извршната наредба 14033.

-„Систина Лајф Кеар Центар“ е санкционирана согласно Извршната наредба 14033 поради тоа што е во сопственост или е контролирана од, или заради тоа што делувала или имала намера да делува директно или индиректно за или во име на Ирина, лице чиј имот и имотни удели се блокирани согласно Извршната наредба 14033. „Бет Сити“ е санкционирана согласно Извршната наредба 14033 поради тоа што е во сопственост или е контролирана од, или заради тоа што делувала или имала намера да делува директно или индиректно за или во име на Самсоненко и Камчев, лица чиј имот и имотни удели се блокирани согласно Извршната наредба 14033. „Орка Холдинг“ АД е конгломерат поврзан со Камчев што делува во голем број сектори. „Орка Фајнанс“ и „Камчев Консалтинг“ се компании за консалтинг и деловни услуги во рамките на мрежата на Камчев и се во сопственост на Камчева, наведува Министерството.

Како што се објаснува, „Орка Холдинг“ е санкционирана согласно Извршната наредба 14033 поради тоа што е во сопственост или е контролирана од, или заради тоа што делувала или имала намера да делува директно или индиректно за или во име на Камчев, лице чиј имот и имотни удели се блокирани согласно Извршната наредба 14033. „Орка Фајнанс“ и „Камчев Консалтинг“ се санкционирани согласно Извршната наредба 14033 поради тоа што се во сопственост или се контролирани од, или заради тоа што делувала или имала намера да делува директно или индиректно за или во име на Камчева, лице чиј имот и имотни удели се блокирани согласно Извршната наредба 14033.

Покрај тројцата државјани од Македонија, на американската црна листа се додадени уште седум лица од земјите од регионот: Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.

На ажурираната „црна листа“ е и црногорскиот бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ, кој на почетокот на деведесеттите беше началник на полицијата во Никшиќ, а во текот на војната во Босна и Херцеговина, беше министер во таканаречената српска автономна покраина Херцеговина, која ја основаше партијата на Радован Караџиќ – осуденик за воени злосторства од судот во Хаг. Миодраг Дака Давидовиќ, како се наведува во одлуката на американските власти, со децении перел пари за криминални организации, зајакнувајќи го своето влијание и учество во шверцот со цигарите, нафтата и оружјето во Црна Гора. Овој црногорски бизнисмен е вмешан и во скандал поврзан со поранешниот генерален секретар Драги Рашковски во владата на експремиерот Зоран Заев. Рашковски, наводно примил мито од Давидовиќ со цел црногорскиот бизнисмен да има состанок со премиерот Заев за потребите на своите бизнис интереси.

Претходна вестСотировски: Крстот на Попова Шапка е поставен на манастирски имот, што правиме со многуте објекти изградени на државно земјиште?
Следна вестТешка сообраќајка: Еден загинат и двајца повредени на патот Гостивар – Стража