Скоро да нема ден кога некој не се обидува да ја згази Македонија. Еве пред некој ден стаса и француски предлог како нашата држава да добие „датум“ после кој ќе добиваме датуми на кои Бугарија ќе ни кажува што треба да правиме.
„Капитулација“, „понижување“, „бугаризација на рати“, „перфидно оспорување на македонскиот идентитет“… Сето ова се реакции и коментари на она што е веќе објавено во јавноста како неофицијален француски предлог. Ваквата реакција од граѓаните е неподелена, подршка предлогот има само од некои ептен јаки „експерти“.
Значи, населението во Македонија се обединува, а тоа го помогна францускиот предлог. Ќе се обединат ли барем по ова прашање македонските политичари?
За разлика од јавноста актуелната македонска Влада се уште молчи околу францускиот предлогот. Премиерот Димитар Ковачевски изјавува дека предлогот не е официјално добиен…
Но, ова не е време кога треба само да се чека што ќе се „спакува“ во бриселските и софиските кулоари. Во ситуација кога е извесно дека се подготвува предлогот кој не е добар за Македонија време е да се збијат редовите. За тоа најповикана секогаш е власта. На потег се Пендаровски и Ковачевски. Сакаат ли тие збиени редови кога е во прашање Македонија и разните странични удари кои ги прима?
Најголемата опозициска партија од прексиноќешниот митинг порача дека ќе стои зад власта во одбивањето на францускиот предлог.
-Излези и одби го овој предлог. Ние стоиме позади тебе. Посочувам дека ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков понижувачки договор на штета на нашите национални интереси, порача Христијан Мицкоски на премиерот Димитар Ковачевски.
Ова треба да е доволна основа двете најголеми партии од власта и од опозицијата, се разбира, заедно и со другите партнери, да седнат за заедно да се договорат какви потези да се влечат натаму околу наметнатите услови за влез во ЕУ. Очигледно се наоѓаме во ситуација кога Брисел покажува дека за него не претставува никаков проблем и морална дилема да отстапи од своите прокламирани принципи и вредности кои со години не ги вадеше од уста.
Може ли Ковачевски да отсапи од досегашните „вредности“ да се игнорира опозицијата и да се тера само по суфлирања на коалициони партнери или странски лица? Па нели тој многу пати на државни празници заедно со Пендаровски повикуваат на заедништво? Како премиерот и претседателот го подразбираат заедништвото – само тие да кажуваат како треба, а сите заедно во Македонија да ги следат?