Салата „Работнички“ ќе блесне во ново руво, Герасимовски вети стандарди според ФИБА

Општина Центар информира дека реконструкцијата на спортската сала „Работнички“ во Градскиот парк се одвива во полн ек. Посочуваат дека изминатата недела е демонтиран кровот и ќе се постави нов кров и нова фасада.

-Во првата фаза до месец март планираме да поставиме нов кров и фасада, како и комплетно реновирање на канцелариските простории кадешто беа сместени спортските федерации. Новитет е тоа што ќе го прошириме теренот, ќе се постави нова еластична подлога и подно греење, а целиот простор ќе се климатизира. Ќе бидат поставени нови инсталации за електрична енергија, современо осветлување и водовод. Наместо досегашните бетонски клупи ќе поставиме 891 седиште, информира градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Градоначалникот на Центар истакнува дека култната сала, која е симболот на Скопје, ќе биде реконструирана според највисоки стандарди за квалитет и согласно стандардите и процедурите на ФИБА.

Спортската сала Работнички ќе биде енергетски ефикасна со што, како што наведуваат од Општината, значително ќе се намалат трошоците за енергија.

-Го враќаме сјајот на Работнички, покрај реконструкцијата на гледалиштето, предвидено е и обновување на туш кабините, поставување нова опрема, кошови и друга потребна инфраструктура, вели Герасимовски.

Салата Работнички се реконструира за првпат по 50 години.

Претходна вестПензиите од март повисоки за 2.500 денари, старосната граница за пензионирање останува иста
Следна вест23-годишната девојка од Грчец управувала со „Аудито“ кое излета во Вардар кај Рашче