Аријан Адеми македонскиот фудбалски репрезентативец по поминати 13 години во Динамо Загреб кариерата ќе ја продолжи во Пекинг Гуан. Адеми кој беше најтрофеен фудбалер во историјата на клубот и долги години капитен на истиот, замина оттаму како легенда со неколку срушени рекорди.
Пред заминувањето за Кина, Адеми даде интервју за Јутјуб каналот на Динамо, а во истото тој едвај успеа да ги задржи солзите додека ги гледаше пораките од своите соиграчи.
– Ти беше наш лидер, водач на оваа генерација, ти беше автор на сите наши успеси. Се надевам дека за некое време ќе се сретнеме повторно. Со среќа, пријателе, вели во пораката Доминик Ливаковиќ.
– Еј капитене, сега тебе ти е сигурно потешко, но и нам не ни е сеедно. Не верувам дека некој ќе ти биде благодарен колку што сме ние за се што даде на теренот, а особено за она што ми го даде надвор од теренот. Сигурен сум дека ова не е нашиот крај, ти посакувам многу среќа, му порача Бруно Петковиќ.
Адеми меѓу другото зборуваше за емоциите и за сето она што клубот го предизвикал кај него, а се потсети и на најголемите победи и најубавите спомени што ќе ги понесе со себе од Загреб. Тој порача дека ова не е збогум, туку само довидување, се надева и дека еден ден ќе биде тренер на Динамо за да освојуваат уште европски трофеи.