Општина Сарај ќе добие нов градоначалник откако градоначалникот Блерим Беџети одлучи да седне на пратеничкото столче.
Беџети својата одлука ја објави на Фејсбук и истакна дека ќе биде гласот на волјата на народот, додека на гласачите им се заблагодари за поддршката на локалните и сега на парламентарните избори.
-Почитувани граѓани на општина Сарај и пошироко, сакам да ве информирам дека од денеска започнува моето ново патување како пратеник и вашиот глас во Собранието на Македонија. Сакам да се заблагодарам на секој од вас што ме поддржа на локалните избори за да застанам на чело на општина Сарај и сега на парламентарните избори да ве претставувам во Собранието. Ви ветувам дека ќе бидам гласот на волјата на народот и ќе ви докажам дека легитимитетот на албанскиот глас му припаѓа на Европскиот фронт. Продолжуваме обединети за најдоброто од граѓаните, европската држава и за подобар економски развој, напиша Беџети на социјалните мрежи.
Според досегашната пракса градоначалниците кои биле избрани за пратеници секогаш им престанува градоначалниката функција и се распишуваат предвремени локални избори, а премиерите и министрите кои се избрани за пратеници остануваат и во извршната власт до изборот на нова влада.