Сарај ќе добие нов градоначалник, Беџети ќе седне на пратеничкото столче

Општина Сарај ќе добие нов градоначалник откако градоначалникот Блерим Беџети одлучи да седне на пратеничкото столче.

Беџети својата одлука ја објави на Фејсбук и истакна дека ќе биде гласот на волјата на народот, додека на гласачите им се заблагодари за поддршката на локалните и сега на парламентарните избори.

-Почитувани граѓани на општина Сарај и пошироко, сакам да ве информирам дека од денеска започнува моето ново патување како пратеник и вашиот глас во Собранието на Македонија. Сакам да се заблагодарам на секој од вас што ме поддржа на локалните избори за да застанам на чело на општина Сарај и сега на парламентарните избори да ве претставувам во Собранието. Ви ветувам дека ќе бидам гласот на волјата на народот и ќе ви докажам дека легитимитетот на албанскиот глас му припаѓа на Европскиот фронт. Продолжуваме обединети за најдоброто од граѓаните, европската држава и за подобар економски развој, напиша Беџети на социјалните мрежи.

Според досегашната пракса градоначалниците кои биле избрани за пратеници секогаш им престанува градоначалниката функција и се распишуваат предвремени локални избори, а премиерите и министрите кои се избрани за пратеници остануваат и во извршната власт до изборот на нова влада.

Претходна вестПриведен бегалец од затвор, издржува казна од две години и девет месеци
Следна вестДва пожара на отворено, пронајдено неексплодирано убојно средство, информира ЦУК