По неколкудневни повици да се изјаснат, од СДСМ денеска ја повикаа ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече декларцијата за заштита на ликот и делото на Гоце Делчев поднесена во Собранието.
Од владејачката партија сметаат дека тоа е популизам, политички чекор и подметнување од страна на опозицијата, „со цел да се продлабочат поделбите на македонскиот народ“.
-Бранат нешто што не е нападнато и со тоа си ги покажуваат несигурноста и аматеризмот. Таквата несигурност, таквиот аматеризам и таквиот дилетантизам нема да дозволиме да бидат пренесени на граѓаните, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Тој вели дека „ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат и да ја повлечат нивната, како што вели, т.н. декларација.
-Ги повикуваме, ако навистина сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ да се вклучат на конструктивен начин во процесите кои се од национален интерес. СДСМ и коалицијата нема да учествува во нивниот дневно-политички театар на кој единствена цел е да им помогне на оние центри кои не сакаат Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, рече Митрески.
Пратеничката Иванка Василевска, пак, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција, истакна оти декларацијата што ја поднесоа до Собранието „треба да го отслика единството и обединувањето на политичките партии во македонското Собрание, но и единството на целокупното македонско општество околу неспорниот македонски деец и водач во ослободувањето на Македонија“.
-Ја користам оваа пригода да ги повикам СДСМ, како и останатите политички партии во македонското Собрание да се изјаснат со официјален став по повод на оваа значајна Декларација и да покажат дека ликот и делото на Гоце Делчев како учител, народен трибун и револуционер за соработка, за толеранција и за соживот и тоа како заслужува да се донесе ваква декларација токму во законодавниот дом со што сите заедно ќе ја покажеме нашата заедничка почит кон оваа централна личност од македонската историја, рече на прес-конференција во Собранието пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска.