СДСМ и ДУИ ги злоупотребуваат наставниците со организирање на партиски протест, велат од ВМРО-ДПМНЕ

По најавите дека СДСМ утре ќе организира собир на наставници пред Министерството за образование и наука од каде ќе побараат зголемување на платите на наставниците од есенва, реакција пристигна од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот Сергеј Попов на прес-конференција рече дека СДСМ и ДУИ вршат брутална злоупотреба на наставниците со организирањето на партиски протест со што пак докажуваат кој стои зад наводниот синдикат.

Попов обвини дека протестот го организира довчерашниот државен секретар во Министерствтото за образование и наука, Билјана Казанџиска која била трет човек по хиерархија во институцијата и која имала можност да придонесе за подобри плати и услови за работа, а која наместо тоа, оставила празен буџет за оваа намена во 2024 година.

-Сведоци сме на една трагикомична ситуација, СДС кои 7 години беа на власт утре организираат протест пред Министерството за образование и наука. Група членови на СДС ќе протестираат барајќи повисоки плати за наставниците. Протестот го организира довчерашниот државен секретар во МОН, Билјана Казанџиска. Ситуацијата, едноставно опишана е следна – Казанџиска свесно турнала некого на земја и сега му подава рака за да стане, претставувајќи му се како заштитник, рече Попов.

Пратеникот рече и дека СДСМ можеле да реализираат покачување на платите во периодот кога биле на власт, но оти наместо да ги подобрат условите, тие буџетските средства ги користеле за милионски набавки во ЕСМ и патувања на министрите.

-Апелираме до наставниците да не наседнуваат на партиски хушкања. Да не подлегнуваат на притисоци на опозицијата која 7 години беше власт и не се погрижи да им обезбеди достоинство и пристоен живот. Актуелната Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ има конкретен план како да го врати дигнитетот на наставниците. Со враќање на девастираните институции во нормала и со креирање на нов буџет за 2025 година кој домаќински и транспарентно ќе се користи, ќе се обезбедат пари за повисоки плати, за подобри услови за работа и за повеќе можности за кариерен и професионален развој, вели Попов.

Претходно денеска, пратеничката од СДСМ, Даниела Николова, на прес-конференција рече дека СДСМ утре ќе организира собир на наставници на кој ќе побараат покачување на платите во образованието за 12 отсто и да се исполнат барањата на наставниците. Овој собир, вели таа, е предупредување на почетокот на учебната година зашто, како што рече, јасно е дека Мицкоски и Јаневска немаат концепт ниту јасен план за развој на образованието и оти тие целосно го погазиле ветувањето дека платите на наставниците ќе се зголемат.

-Во септември 2022 и 2023 година СДСМ ги покачи платите во образованието на двапати по 15 проценти. Претходно, во септември 2021 година, покачувањето беше од 10 проценти, а во септември 2019 и 2020 година по 5 проценти. Дојде ДПМНЕ на власт, дојде септември и сега нема пари за наставниците. Нема квалитетно образование без инвестиција во образовниот кадар. Но не се само платите. ДПМНЕ не сака да ја намали ниту непотребната административна работа која се бара од наставниците, рече Николова.

Претходна вестМукаетов најави повлекување од претседателската функција во РФМ
Следна вестБразил го забрани Твитер по кавгата со Илон Маск