СДСМ и Општина Аеродром во клинч: Згради или куќи ќе никнат со ДУП за населба Лисиче

Препукувања околу тоа што ќе се гради според новиот ДУП за населбата Лисиче се случија денеска меѓу СДСМ и Општина Аеродром. Горан Стојковиќ,член на ИО на ОО СДСМ Аеродром на денешната конференција за печат обвини дека градоначалникот Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ кои една и пол година ништо не сработеа, сега сакаат да ѝ угодат на урбаната мафија.

-На целосно нетранспарентен начин Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да донесат катастрофален Детален урбанистички план за населба Лисиче. Со предлог ДУП ЈИ09 блок 9.1 на овој потег се предвидува изградба на неколку нови згради, затворање на постоечки и пробивање нови улици кои ќе минуваат низ дворовите на околните куќи и целосно ќе го нарушат безбедното живеење во овој дел од општината. Тоа е истиот Муцунски кој лажни тврдеше дека избришал маркици и кој за време на кампањата ветуваше паркови. А сега запнал за згради. Ние, како СДСМ заедно со граѓаните на Лисиче и советничката група ќе се спротивставиме на уништувањето на населбата, потенцира Стојковиќ.

Тој ги повика граѓаните да поднесат Анкетни листови со свои забелешки во просториите на ОУ „Димитар Македонски“ за да се спречи носењето на ваков ДУП.

На ова Општина Аеродром одговори дека се работи за целосна лага. Оттаму наведувата дека конкретниот ДУП е изработен пред неколку години, пред доаѓањето на Муцунски за градоначалник во Општина Аеродром.

-Во него најголемиот дел од парцелите, односно повеќе од 95% се наменети за А1 објекти за индивидуално домување, односно за семејни објекти, што говори за фактот дека со него се решаваат инфраструктурни и сообраќајни проблеми, но и неговото донесување ќе значи и забрзување на процесот на решавање на веќе поднесените барања за легализација на бесправно изградените индивидуални објекти во ова населено место. Најважно од се дека истиот, во ниту еден случај не предвидува изградба на стотици згради, напротив решава проблем на стотици граѓани во овој дел од општината. Целата постапка за измена на постоечкиот ДУП е јавна, транспарентна и во согласност со законите, потенцираат од општината Аеродром.

Граѓаните се повикуваат да го погледнат планот, да пополнат анкетни листови и да се уверат за што станува збор.

– Воедно да увидат дека информациите кои се пласираат во јавноста се целосна лага и невистина. Токму забелешките од граѓаните ќе бидат основа за носење поквалитетен Детален урбанистички план, а финалната верзија од ДУП-от ќе биде изработена по завршување на јавната анкета и во неа ќе бидат земени предвид најголемиот дел мислењата и ставовите на граѓаните кои живеат во овие населени места, се наведува во соопштението.

Претходна вестАХВ: Не едно туку две кучиња го усмртиле осум-годишното дете во скопска Пинтија
Следна вест66-годишник сакал да стане директор со лажен сертификат