СДСМ му одговори на Црвенковски: Секој има право на свое мислење дури и кога доаѓа после години молк

Секој има право на свое мислење и став, дури и кога доаѓа после години молк. Но граѓаните и СДСМ, одамна и на време избраа европска иднина, соопшти денеска СДСМ како одговор на обраќањето на Бранко Црвенковски, поранешен претседател на државата и лидер на СДСМ кој побара партијата да се огради од ставовите на Заев.

-Граѓаните избраа да носат храбри и патриотски одлуки, кои конечно и практично ја движат македонската држава и целиот наш македонски народ кон исполнување на стратешките цели НАТО и ЕУ. Денеска резултатите на политиките на СДСМ и на Владата предводена од СДСМ се видливи на дело, а не само на зборови, се наведува во соопштение.

Црвенковски претпладне го повика раководството и членовите на СДСМ да се оградат од Зоран Заев по скандалозното интервју за бугарската агенција „Бгнес“.

Во одговрот се потенцира дека искажаните ставови на претседателот на партијата и премиер, Зоран Заев, се ставови на СДСМ.

Овие ставови се изградени во рамки на партијата и нејзините органи, овие ставови се државни ставови и државни позиции, врз основа на довербата на граѓаните на последните избори. Став на партијата, на Владата, на претседателот Заев, но и државна позиција е дека македонската иднина е во Европската Унија, дека Македонците со својот македонски јазик чекорат напред кон Европа, кон просперитет и кон пријателство со сите соседи, наведува СДСМ

Од партијата порачуваат дека обраќањето на поранешниот претседател, Бранко Црвенковски, после долги години молк и немање став за важни државни или национални прашања, нека го толкуваат граѓаните.

Дали е тоа принципиелен однос кон својата партија и кон членството на СДСМ, ќе ценат членовите на СДСМ и граѓаните. Во исто време, СДСМ и натаму ги почитува и ќе ги почитува сите важни политички одлуки кои партијата ги донела во времето кога беше раководена од Црвенковски, а со кои државата беше насочувана кон прогрес и кон демократски и европски вредности, се наведува во соопштението.

Претходна вестТинејџер заедно со постара девојка за една ноќ обиле 17 автомобили во Скопје
Следна вестВо Собрание со 61 глас избрана Кацарска за уставен судија