СДСМ нема да ги поддржи интерпелациите за Тошковски, Исени, Меџити и Стоилковиќ што ги поднесе ДУИ

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) нема да ги поддржи интерпелациите за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, неговиот заменик Астрит Исени и вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, што во Собранието ги поднесе коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, која исто така дејствува како опозиција во законодавниот дом.

Ваков заклучок денеска на својот прв состанок донел новиот Извршен одбор на СДСМ, оценувајќи дека интерпелациите во овој момент не преставуваат решение за кризата и може да значат нови поделби по етничка основа.

За смирување на тензиите во општеството што ги предизвикаа неодамнешните инциденти, во кои во одделни случаи беа сквернавени државното знаме, албанското национално знаме, како и државни симболи на Република Србија, според Извршниот одбор на СДСМ бил потребен поинаков пристап, односно одржување на лидерска средба.

-За СДСМ загрижувачки се тенденциите за влошување на безбедноста и сигурноста на граѓаните и растечките тензии во општеството со загрозување на меѓуетничките односи. Оценка на Извршниот одбор е дека неприфаќањето на лидерската средба од страна на власта испраќа лош сигнал и ја потврдува тезата дека очигледно партии на власт и ДУИ немаат интерес од стабилизација, што е многу опасно за државата, се вели во соопштението на СДСМ по седницата на новиот Извршен одбор што беше избран неодамна на партиски Конгрес.

Од Владата вчера изјавија дека не ја гледаат објективноста на барањето за лидерска средба. Ставот го пренесе владината портпаролка, Марија Митева, која, додаде дека е чудно што и тоа што барањето за лидерска средба е испратено преку медиумите, упатувајќи повик до СДСМ тоа да го направи на официјален начин.

И премиерот Христијан Мицкоски смета дека нема потреба од одржување лидерска средба за стабилноста на државата.

Што се однесува до интерпелациите за Тошковски, Исени, Меџити и Стоиљковиќ, нив вчера ги поднесе коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ.

Во образложението што го даде координаторот на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети, за поднесената интерпелација за министерот за внатрешни работи Тошковски и неговиот заменик Исени, рече дека тие на денот на празникот на албанското знаме, како одговорни лица, и наредиле на полицијата на невиден и неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците.

-Оваа интервенција предизвика непотребни тензии и ја поткопа атмосферата на мир и меѓуетнички соживот. Полицијата наместо да го одржува јавниот ред и да ги почитува правата на граѓаните да го прослават овој ден, поттикна конфронтации и ескалација на тензии. Ова неменаџирање на ситуацијата настана поради неспособноста и непрофесионалноста на министерот за внатрешни работи и неговиот заменик, рече Беџети.

Министерот за внатрешни работи, Тошковски денеска коментирајќи го потегот на ДУИ рече дека има посакува среќа на пратениците од „Европскиот фронт“, притоа оценувајќи дека интепелацијата е низок обид за манипулација на јавноста.

Претходна вестПадна француската влада
Следна вестПерински: Без млади, нема иднина, ни за локалната самоуправа, ни за државата