Бадијала Христијан Мицкоски глуми, бара оправдувања за тоа што ја поддржа Резолуцијата на Европската народна партија со ставовите на Бугарија. Тој е лажен патриот и ништо повеќе, нема основно чувство за државност, соопшти СДСМ како реакција на ставовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервјуто за „Канал 5“.
Владеачка партија наведува дека Мицкоски ги поткопал државните позиции со прифаќање на Резолуцијата на ЕПП.
-Боксерскиот речник на Мицкоски очигледно му е наследство од Никола Груевски, но реалноста е дека токму Мицкоски ги поткопа државните позиции со прифаќањето на Резолуцијата на ЕПП со бугарски ставови, односно по неговиот речник зададе сериозен удар на државните позиции. Мицкоски дома глуми патриот а надвор поддржува документи кои ги поткопуваат меѓународните позиции, се наведува во партиското соопштение.
СДСМ потсетува дека Мицкоски пред поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов, со рачињата на маса, засрамен велеше дека го поддржува Договор, или поточно дека „го поткрепа“.
-Тоа е лажното лице и однесување од Мицкоски. Ниту еден збор поврзан со спорот со Бугарија од устата на Мицкоски нема значење ниту тежина, наведуваат од СДСМ.