Членството во ЕУ е стратешка цел на државата, врвен приоритет на генерации македонски граѓани и оттаму, обврска на сите политички субјекти е да се реализира таа национална и стратешка цел, соопшти СДСМ.
Владеачката партија наведува дека дијалогот треба да продолжи.
-Прифаќањето на уставните измени од страна на ВМРО-ДПМНЕ и учество во широка Влада за европски интеграции создава нова шанса. Сега врз основа на новите околности на политичката сцена треба дијалогот да продолжи и да се искористи шансата да се реализира уште една стратешка цел – членството во ЕУ, се наведува во партиското соопштение.
СДСМ додава дека нема никаква потреба ВМРО-ДПМНЕ да манифестира толку голема нервоза затоа што променија став и прифатија уставни измени, како и учество во широка Влада за европска интеграција.
-Разбираме дека промената на ставот можеби дојде наеднаш, дека паднаа во вода сите изјави за францускиот предлог и за договорот. Разбираме и тоа дека со една изјава се избришаа нотарските изјави и потписите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ против уставните измени. Но, не е прв пат опозицијата да промени став. Овој пат тоа е добро затоа што може да доведе до заеднички придонес за продолжување на европскиот пат на земјата, секако доколку останат на она што јавно го кажа Христијан Мицкоски. Затоа не треба нервоза. Има време за политичко ривалство, сега е потребна одговорност пред иднината на земјата, потенцираат од владеачката партија.
Социјалдемократите порачуваат дека СДСМ како одговорна, државотворна партија повторно покажа државнички капацитет и уште еднаш потврди дека иднината на граѓаните и интересот на државата се на прво место.