Границата со Косово била отворена за службените возила на собранискиот претседател Африм Гаши, но и за други приватни возила кои исто така биле дел од поворката по невестата. Сите возила, на Гаши, на неговото обезбедување и приватните возила биле пропуштени без контрола, објави денеска СДСМ.
Најголемата опозициска партија на прес-конференцијата наведе дека поворката пред да ја помине границата била паркирана на една бензинска станица во близина на границата. Потоа, сите возила заедно, вклучително и приватните возила, поминале на лентата за камиони, односно товарен траспорт без да бидат застанити.
-Да биде скандалот уште поголем, во возилата каде се што се возело обезбедувањето на Гаши, имало и дел од сватовите односно приватни лица што е законски недозволено. Ова значи, дека границата со Блаце била целосно приватизирана за потребите на Гаши и тоа со амин на МВР и одговорните службеници. Со ова е нарушена безбедноста на државата и проверката на патници која е задолжителна со закон, изјави партиската портпаролка Богданка Кузеска.
Тие прашуваат кој издал наредба за ова, дали таа дошла од Гаши или од минситерот за внатрешрани работи Панче Тошковски.
-Кој од МВР бил одговорен да го организира ова своеволие? Бидејќи, јасно е дека без команда да се пропуштат возилата ова не можело да се случи. Дали контролата на границата кон Косово е целосно препуштена на партиските структури на „Вреди“? Кој гарантира што се поминало низ границата во приватните возила?, прашуваат од СДСМ и додаваат дека Јавното обвинителство треба да отвори сериозна истрага за да одговараат сите инволвирани во овој скандал.
Се додава дека сега стана јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ вчера преку соопштенија го бранеше Гаши за овој скандал.
-Тоа е затоа што истиот не можел да се случи без поддршка од МВР и раководни структури во министерството. ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски се фасцилитатори на ова каубојско однесување и треба да одговараат, наведе Кузеска.