СДСМ: Со вклучување на Алијанса обезбедени се сите услови за политичка стабилност

Со вклучување на Алијанса како нов коалициски партнер во Владата се обезбедуваат сите услови за политичка стабилност и зголемена ефикасност на Собранието и институциите. Тоа е добро и за инвеститорите и за економијата, порачаа денеска од СДСМ.

Портпаролот на владеачката партија Дарко Каевски рече дека исклучително важно во време кога сѐ уште трае енергетската и економска криза, да нема закони заглавени во Собранието, да се спречат блокадите на ВМРО-ДПМНЕ.

-Нашите деца, нашите граѓани, немаат време за губење. Зголеменото владино мнозинство ќе се погрижи никој да не остане сам оваа зима и заздравувањето на економијата да започне веќе оваа година. Зголеменото мнозинство овозможува да продолжиме да напредуваме со енергетската транзиција, со економските иницијативи како Отворен Балкан и регионалната соработка. Дополнително, се создаваат услови за унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Поголема поддршка добива планот за стратешкото партнерство со САД и унапредување на добрососедските односи. Кадровското освежување ќе внесе нова енергија во реализација на мерките и политиките на Владата предводена од СДСМ, изјави портпаролот на партијата, Дарко Каевски.

Од СДСМ упатија порака до Алтернатива дека вратата за соработка е отворена и понатаму.

-Овие времиња се важни за европската иднина и за економските реформи и ги повикуваме да се издигнат над тесно-партиските интереси и да размислат уште еднаш. Иако Алтернатива не одговори на понудата за продолжување на соработката, партијата е добредојдена со свој придонес во европската коалиција. Во време кога имаме политички партии како Левица и ВМРО-ДПМНЕ кои активно работат против членството во ЕУ, важно е заеднички да работиме за остварување на стратешките цели. СДСМ не ги дели партиите, отворени сме за идна соработка и до други пратеници од други политички партии кои сакаат да ги поддржат реформите, економските политики и агендата на ЕУ за подобра иднина на земјата, рече портпаролот Каевски.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Новиот состав на владата е резултат на „Пазар 3 коалицијата“
Следна вестПочна реконструкција на неколку улици во населбата 11 Октомври