– Заедничко за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во повеќето општини во државата во изминатите 12 месеци е хаос, нефункционалност, партизација, расипничко трошење на парите на граѓаните, покачување на цените на општинските услови, истакнаа преку партиско соопштение од СДСМ.
Според нив блокадите и кавгите во Град Скопје се само пример за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека не е подобра состојбата ниту во другите општини во кои на влас се градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ.
– Во Ѓорче Петров, во ек на најголема економска криза, градоначалникот ќе потроши 100.000 евра за опремување на нова општинска зграда.
Во општина Штип градоначалникот Јорданов и мнозинството во Советот на ВМРО-ДПМНЕ ги зголемија цените на данокот на промет, а претходно значително ја поскапеа цената за такси превоз и надоместокот за ѓубретарина.
Во Битола општински пари се доделуваат на портпаролот на ОК ВМРО-ДПМНЕ и неговата сопруга, а службените возила на јавните претпријатија се злоупотребуваат за лични патувања и потреби.
Масовна партизација се случува во Охрид, каде во општината и јавните претпријатија се вработени над 50 партиски војници, а цените на комуналните услуги се поскапени.
Поскапи комунални услуги и паркинг плаќаат и граѓаните на општина Прилеп, во општина Велес исто така има поскапување на комуналните услуги и масовна партизација на јавните претпријатија, а идентично е и во Виница, Радовиш и неколку други помали општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ, истакнуваат од СДСМ.
Од СДСМ додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ и шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски работат за лични и бизнис интереси и поради нивната неспособност, општините се во стагнација а граѓаните во време на криза се изложени на зголемени трошоци.