Се бара ли поконкретно решение за сообраќајната некултура и многуте жртви на патиштата?

„Три тешки сообраќајни несреќи со пет жртви за само четири месеци на експресниот пат Штип – Кочани“, „Во сообраќајка загина 42 – годишен делчевец“, „Во сообраќајка кај Костурино загина 44-годишна жена – пешак“, „Тројца повредени во тешка сообраќајка во скопско Влае“…, само се дел од насловите кои последниве денови покажуваат што се случува по македонските сообраќајници. Незгоди, судири, загинати и повредени лица има се повеќе, а тоа покажува дека возењето и одењето по сообраќајниците, како по градовите така и надвор од нив, е ризично. Статистичките податоци одамна алармираат: во просек, годишно, околу 125 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а има на стотици и стотици полесно и потешко повредени лица кои често остануваат доживотни инвалиди.

Ќе има ли тренд на опаѓање на овие хрни хроники? На сето ова најчесто им кумува човечкиот фактор со својата недисциплина и невнимание. Пребрзото возење, алкохолот, непридржувањето на прописите, сообраќајната некултура, лошата сигнализација, дупките на патиштата…, се најчести фактори кои придонесуваат за црниот биланс. На сообраќајниците веќе масовно не се почитува ограничувањето на брзината – веќе не станува збор само за надминување за 5 или 10 км/час, туку за 40, 50, 70 км/час над дозволената брзина…

Ефектите од мерките кои ги преземаат надлежните не се доволни. Главно, се се сведува на полициски акциски контроли и на повремени предупредувачки кампањи.

-Општата тотална некултура на учесниците во сообраќајот е најголемиот проблем. На ова му шурува и слабата обука на возачите и сообраќајното образование на пешаците, како и слабата законска регулатива и нефикасен систем за казнување. За да се подобри општата ситуација во сообраќајот државата мора да превземе некои па и драстични мерки, смета Нехат Љужа.

Граѓаните коишто се секојдневни учесници во сообраќајот сметаат дека има големо непочитување на прописите, но и дека полицијата не е доволна агилна.

– Факт е дека голем дел од граѓаните не се придржуваат до сообраќајните прописи. Но, најголема причина за ова е немањето казнивост… На голем дел од полицајците најголемиот дел од нивното работно време им е како прошетка низ град, гледање во своите телефони, или наместо да контролираат кога се на раскрсница, времето го минуваат во разговор со пријатели, ни вели Димче Маџиров.

Граѓаните бараат долгорочно решение за проблемот – а не за него да се зборува само кога ќе се изгубат човечки животи. Очигледно, потребно е менување на односот кон она што се прави во сообраќајот – како од самите учесници така и од оние кои ја регулираат оваа сфера. Годишно, во просек, на прекршителите на сообраќајните прописи во земјава има се изрекнуваат околу 250.000 казни за сообраќајни прекршоци. Тие се во износ од дваесетина па до неколку стотици евра.

-Несомнено, полицијата треба да ги зајакне своите контроли на сообраќајниците. Но, треба и да се зголемат казните и по потреба да се одземаат возачките дозволи, смета Елена Горневска.

Инаку, како промена во законот е воведено ново кривично дело „безобзирно возење“, што треба да помогне да се намали бројот на прекршителите. Но, ефектите од тоа се уште не се гледаат. Надежи сега се полагаат и во воведувањето на системот на камери со кои ќе се забележуваат прекршоците на најфрекветни сообраќајници. Меѓутоа, тој систем треба да има широка примена, а не само во Скопје. Потребни се, секако, и промени во обуката на возачите и на другите учесници во сообраќајот, како и менувањето на односот на судските органи кои и натаму благо ги санкционираат тешките прекршители на сообраќајните правила.

Сообраќајна култура како предмет во средно образование

-Прво мора да се подобри сообраќајна култура, а би вовел факултативен предмет Сообраќај во 4 година од средното обрзование. Тој ученик што ќе добие 5-ка ќе има право да полага за Б категорија со навршени 18 години, тој што ќе добие 4-ка ќе полага по навршени 20 години. Тој што ќе добие 1 нема да полага никогаш за возачка. Овие оценки не треба да влијаат на вкупниот успех во средно, предлага Нехат Љужа.

Претходна вестСкопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУ
Следна вестВо Будва уловена сина ајкула тешка 200 килограми