Првиот сегмент од автопатот Скопје – Блацеод два километри е веќе завршен но за останатиот дел се разгледува можност за повторен проект за да се обезбеди поодговарачко и поодржливо решение, соопшти денеска заменик министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири преку соопштение до медиумите.
-Овој повторен проект е неопходен поради погрешниот и нелогичен избор на траси од претходните раководители на ЈПДП, кои избрале планински терен кој е тежок и скап за изградба, без јасни причини, вели таа.
Зеколи Шаќири посочува дека од планираните 12 километри, 6 километри се предвидени да бидат тунели, што го прави овој проект изразито скап без јасни причини со проценета цена од околу 240 милиони евра за преостанатите 12 километри, односно околу 20 милиони евра по километар, што го прави овој проект еден од најскапите проекти по километар во регионот.
-Во моментов, како министерство, разгледуваме можности за алтернативна траса, која ќе поминува покрај постојната патека. Ова решение ќе обезбеди полесен пристап за граѓаните и поволна цена на изградба, во согласност со нормалните стандарди на изградба на патишта, вели Зеколи Шаќири.
Вчера и министерот за транспорт и врски Александар Николоски изјави дека изградбата на автопатот кон Блаце, кон границата со Косово моментално е во застој и дека трасата избрана за изградба ќе се ревидира. Проекциите што ги направило претходното раководство на на Јавното претпријатие Државни патишта изнесуваат фантастични 240 милиони евра за 12 километри пат, што според Николоски е далеку над одобрениот кредит од ЕБОР.
-Станува збор за тоа дека е одбрана целосно нова планинска траса од 12 километри, од кои 6 километри се тунели. Вредноста е 240 милиони евра, 20 милиони по километар. Се прави ревизија со Државни патишта, да видиме дали е изводлив овој проект, да видиме дали сепак би можеле да ја користиме постојната траса. Ова прв пат го кажувам во јавност. За месец и половина очекувам да излеземе со решение, рече Николоски.