Ќе биде поднесен предлог за разрешување на обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, соопшти денеска државното Јавно обвинителство.
Се наведува дека Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по спроведената дисциплинска постапка против јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и разгледување на извештајот на обвинителот-известител, донесе Решение со кое утврди дека обвинителот е одговорен за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 8 од Законот за јавното обвинителство.
-Врз основа на изведените докази, Комисијата утврди дека јавниот обвинител без оправдани причини не постапувал по предмети во пропишаните законски рокови, со што значително била одолговлечена постапката во предметите. Со оглед на тоа и другите околности, одлучено е до Советот на јавните обвинители да биде поднесен предлог за разрешување на јавниот обвинител, се вели во соопштението од Обвинителството.
Името на овој скопски обвинител се уште не е познато.