Дваесет години, колку што имал на почетокот на Втората светска војна, му биле доволни на Васко Карангелевски, да се определи на чија страна ќе застане и за какви цели ќе војува. Ослободување на Македонија му станала главната цел на тогашното младо момче родено на денешен ден, на 7 јули 1921 година, во сиромашно семејство во битолското село Брусник. Мајка му работела на туѓи ниви, а тој уште како млад почнал да работи како земјоделски работник и чувал туѓ добиток. Но, набрзо, во 1941 година, со почетокот на војната, се вклучил во новоформираната младинска група во селото, а истата година стана и член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ). Младиот Васко активно учествувал и собирање на тружје, муниција и опрема за формирање на партизански одреди и по формирањето на првите партизански одреди во битолскиот регион заминал во партизани. Во првата половина на 1943 година бил поставен за командир на вод во Одредот и станал член на Комунистичката партија на Македонија (КПМ).
Истакнувајќи се со своите активности, Васко бил назначен за командир на чета на Битолско преспанскиот одред „Гоце Делчев“, формиран во мај 1943 година од борците на Битолско преспанскиот НОПО „Даме Груев“ и новопристигнати борци. Заедно со одредот, Васко се движел по планините Баба и Нередска Планина. Набрзо станал и командант на батаљонот „Стив Наумов“, формиран во ноември 1943 година во реонот на Лерин од борците на одредите на Битолскиот партизански одред „Гоце Делчев“ и „Даме Груев“. Во зимата 1943 година со батаљонот учествувал во акциите од Егејска Македонија до Козјак. Тогаш, во текот на декември 1943 година, кога Германците подготвувале офанзива против бригадата, Васко Карангелевски учествувал во борба гради в гради во која загинале педесетина Германци, 42 биле заробени, како и пушки, митралези, минофрлачи и муниција.
Во февруари 1944 година батаљонот влегол во состав на Третата македонска ударна бригада, а Васко како командант на батаљонот постигнал голем успех во борбите за време на пролетната офанзива во 1944 година кај Ново Село, Ристовац, Крива Река, Лисец, Плачковица и на планината Огражден. Ослободувањето на земјата го затекнало на должност командант на 49 македонска дивизија на НОВЈ.
По Ослободувањето Васко Карангелевски дипломирал на Воената академија „Ворошилов“ во СССР, на ВВА и на Курсот за оператика на ЈНА. Бил командант на дивизија, началник на штаб на корпус и на подрачје, началник на штаб на армиска област и командант на армија. Бил член на ЦК на КПЈ. Прогласен е за народен херој на Југославија.
Сè до неговата трагична смрт. Васко бил командант на Скопската воена област со чин генерал-полковник.
Васко Карангелевски загинал на 3 февруари 1977 година при лов на терените на Караџица во „несреќен случај“. И тогаш, но и потоа, останаа сомнежите околу неговото загинување. Односно, дали тоа било навистина несреќен случај, или, пак, се работело за намерна ликвидација. Сомневањате дека се работи за намерна ликвидација се темелат на тоа што Карангелевски бил обвинуван за македонски национализам од страна на тогашните југословенски власти. Посебно откако истапил со барање само Македонци да служат во тогашната Територијална одбрана на Македонија. Тоа, наводно, не можело да биде прифатено од оние кои го бранеле југословенскиот концепт и поради тоа паднала одлука тој да биде ликвидиран од тогашните безбедносни служби на СФРЈ.