Вечерта на тој 13 јуни 1943 година Кочо Рацин се враќал во партизанската печатница на планината Лопушник, кичевско. Веќе бил на триесетина метри оддалечен од партизанот Мино Миновски којшто ја обезбедувал печатницата… Но, тогаш и се случил кобниот настан во кој Миновски смртоносно го застрелува младиот македонски револуционер, поет, интелектуалец Кочо Рацин. Оттогаш постојат и дилеми и верзии околу смртта на Рацин. Според првата, станува збор за несреќен случај: поради вродената наглувост, Рацин не го чул повикот на стражарот да застане и да се идентификува, по што овој го истрелал смртоносниот куршум. Според втората верзија, тој е намерно убиен. Според некои наводи, еден од тогашните партизански водачи политички го изолирал Рацин и го организирал неговото убиство. Сомнежи дека се работи за наместен случај фрла и податокот дека Рацин, пред заминувањето во партизани и на патот до партизанскиот одред, веројатно влегол во судир со некои од тогашните партизански лидери по што му бил и одземен пиштолот додека бил во партизанскиот одред.
По убиството на Кочо Рацин, неговите посмртни останки биле веднаш закопани на Лопушник, на местото на убиство. По две години, неговата мајка и блиските другари го пронашле гробот и посмртните останки ги пренесле во црквата „Св. Пантелејмон“ во Велес. Тука почивал триесет години, а потоа, по план на Сојузот на борците во Велес, коските на Кочи Рацин повторно се откопани и во метално мало ковчеже биле поставени во Споменот-костурница во Велес, заедно со останатите негови другари и борци и кадешто и денеска почиваат.
Но, оттогаш па натаму споменот и големината на делото на Коста Апостолов Солев Рацин, како што му беше целосното име не згаснува меѓу македонскиот народ туку стануваат се поголеми. Кочо Рацин, роден во Велес на 22 декември 1908 година, е македонски книжевник, револуционер но и еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата стихозбирка „Бели мугри“ објавена во Самобор кај Загреб, 1939 година претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија.
Кочо уште во детството ја запознава сиромаштијата. Неговиот татко, грнчарот Апостол, не можел да му пружи поголемо образование,. Поради тоа, по завршувањето на првиот клас од нижа гимназија, веќе во својата тринаесетта година, Кочо бил присилен да му се посвети целосно на татковиот занает. Подоцна, во 1924 година Рацин станува комунист и член на СКЈ и набрзо се истакнува како еден од најнадежните млади кадри во Македонија. Во ноември 1928 година учествува во работата на Четвртиот конгрес на КПЈ во Дрезден, како единствен делегат од Македонија. По враќањето во Југославија е уапсен, но по три месеци поради недостиг на докази е пуштен на слобода. Но, набрзо, во април 1929 година заминува на отслужување на воениот рок во Пожаревац.
По воведувањето на диктатурата во тогашната Југославија во 1929 година, партиската организација во Македонија е целосно разбиена. На почетокот на јануари 1934 година се случува провала во која се уапсени 15 македонски комунисти, вклучително и Рацин кој е подложен на дури 42 испрашувања, при што морал да признае многу од она што не смеел да го каже. Во септември истата година, Рацин е осуден на четири години робија во Сремска Митровица, но таму останува околу една година. Ослободен е во декември 1935, по донесувањето на законот за амнестија. Времето поминато во затворот за него всушност претставува период на учење. Меѓу другото, со останатите затвореници Македонци, тој се обидува да состави речник на македонскиот јазик и учествува во преводот на „Комунистичкиот манифест“ на македонски јазик.
По излегувањето од затвор, во 1938 година, Рацин работи во Белград, во печатницата на весникот „Правда”. Во Белград, Рацин живеел полуилегално и живеел во станот на Александар Вучо, а своите текстови ги потпишувал со иницијали или со разни псевдоними. Во овој период Рацин бележи особена творечка активност, која ќе кулминира во 1939 година кога ја објавува својата стихозбирка „Бели мугри“. Во меѓувреме пишува и објавува неколку статии и трудови од областа на литературната критика, филозофијата и историјата, што од него ќе направат најпознат македонски интелектуалец и прогресивен мислител на просторите на Кралството Југославија.
Сепак, новоздобиената слава и авторитет на Рацин ќе доживеат силен удар во 1940 година кога доаѓа до нарушување на односите помеѓу Рацин и КПЈ. Во тоа време е во полн ек т.н. судир на книжевната левица и од Рацин е побарано да напише статија против Мирослав Крлежа и неговите соработници од списанието „Печат“. Бидејќи Рацин не постапува така, ЦК КПЈ донесува одлука за исклучување на Рацин од партијата. Дополнително, на Покраинската конференција на КПЈ за Македонија одржана на 8 септември 1940 година (на која Методија Шаторов – Шарло е избран за секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија), поради посетата на Рацин на тогашниот бан на Вардарската бановина, Жика Рафајловиќ (или на помошникот на банот Александар Цветковиќ), како и поради критика на покраинското раководство, Рацин е казнет со бојкот.
Од јануари до 27 март 1941 година Рацин е затворен во логорот „Меѓуречје“, јужно од Ивањица. При нападот врз Југославија од Силите на Оската, Рацин се јавува на мобилизацијата и е испратен на кумановскиот фронт, на месноста Страцин, каде што веќе на 7 април е заробен од страна на Германците. Сепак, набрзо успева да побегне и, откако кратко време живее во Велес, заминува за Софија. Таму живее заедно со својот сограѓанин Коле Неделковски и со Волче Наумчески, а работи во железничкото депо како обичен работник. Набрзо по смртта на Коле Неделковски, околу 4-5 септември 1941 година, Рацин се враќа во Македонија и извесно време работи во Народната библиотека во Скопје.
Во следниот период доаѓа до подобрување на односот на КПЈ кон Рацин. Новото партиско раководство на чело со Бане Андреев, во првите месеци на 1942 година, одлучува да се тргне бојкотот над Рацин, но тој не е примен повторно во партијата.
Во септември 1942 година Рацин е уапсен во Скопје од бугарската полиција и во ноември е интерниран во селото Корница, Неврокопско. Сепак, многу брзо, во април 1943 година на Рацин му успева да побегне и да се врати во Скопје. На 5 мај 1943 година Рацин тргнува од Скопје во партизани, со група од осуммина, меѓу кои е и Добривое Радосавлевиќ. По пристигнувањето во одредот „Кораб” станува уредник на партизанскиот весник „Илинденски пат” и подготвува две збирки на македонски народноослободителни песни, но наскоро се случува и неговото убиство.
Творештвото на Кочо Рацин опфаќа неколку области: поезија, проза, историски списи, философски списи и литературна критика. Својот најголем придонес го дава во областа на поезијата, особено со стихозбирката „Бели мугри“, но и во останатите области дава важни придонеси, кои главно се во сенка на неговото поетско творештво. Рацин започнува да пишува во 1928 година. Од февруари до јули на својата љубов Рахилка Фирфова ѝ ги посветува своите љубовни стихови со крв и мастило на 31 дописна картичка и стихозбирката „Антологија на болката” останата во ракопис. Картичките денес се чуваат во Архивот на Македонија.
-Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздив по тебе, “Антологија на болката”, и мое портре, ако побараш, капка крв од моето тело и душа – веќе имаш… Прости ми или проколнувај – сеедно. Едно само жалам: Што не ја чув смислата преку звукот на твоите зборови или барем нивната трага со мастило, пишувале младиот поет.
Збирката „Бели мугри“, пак, е обајвена во 1939 година во Самобор, во близината на Загреб, Хрватска. Таа е трета стихозбирка објавена на македонски јазик по стихозбирките на Венко Марковски, „Народни бигори“ и „Огинот“, објавени во 1938 година. Стихозбирката е испечатена на 25 ноември во печатницата на Драгутин Шпулер во 4.000 примероци. Поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот, Коста Солев ја објавил под псевдонимот „К. Рацин“. Стихозбирката била дистрибуирана низ целата тогашна Југославија и во Пиринска Македонија и постигнала голем успех. Таа е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот на стихозбирката е симболичен – пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. Тоа е ново утро, нов почеток, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви. „Бели мугри“ била создадена под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ од браќата Миладиновци. Највпечатливи мотиви во Рациновите песни се: аргатската мака („Денови“ и „Селска мака“), социјално-класната неправда („Тутуноберачите“), револуционерен повик („Копачите“), патриотски мотиви („Елегии за тебе“, „Уторото над нас“ и „Татунчо“), жал за пропаднатите занаети („На Струга дуќан да имам“) и печалбарската тага („Проштавање“).
Збирката претставува извонредно крупен настан во културната и политичката историја на македонскиот народ и пошироко. Тоа е врвен дострел на Рациновото творештво. Дело неделиво од неговиот живот и неговото класно и национално определување. Дело со кое ги потврдува можностите за изразување и на најсуптилните чувства на јазикот кој бил забрануван и одрекуван. Творечки се потпира врз достоинството што ги носи македонското народно епско и лирско творештво збогатени со сопствен творечки однос. Се создава поезија изворна и своевидна, автентична и длабоко доживеана со јазик на убавината. Со „Бели мугри“ се отворил пат на современата македонска книжевност и така Кочо Рацин станал еден од основоположниците на современата македонска книжевност.
Од историјата Рацин покажа посебен интерес за богомилското движење и напиша три трудови посветени на него: „Драговитските богомили“, „Богомилите“ и „Селското движење на богомилите во Средниот век“. Од овие три, во текот на Рациновиот живот е објавен само „Селското движење…“, во 1939 година во списанието „Народна читанка“, а трудот „Богомилите“ е напишан на македонски јазик. Овие Рациновите трудови за богомилите се одликуваат со значителен квалитет на проучувањето на материјата, при што самата материја доста студиозно е обработена, а не изостануваат и неколку доста продорни тези кои се посебно интересни. Меѓу нив посебно вреди да се одбележи Рациновата теза дека „богомилството е нешто најинтересно и најсветло во нашата народна историја“ („Богомилите“). Важно е да се нагласи и податокот дека Рацин е првиот Македонец што го проучувал богомилското движење.