Се бореше за слободна и независна Македонија: Се чествуваат 120 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев

Со повеќе манифестации и чествувања во Македонија денеска ќе се одбележат 120 години од смртта на големиот македонски револуционер и борец за слобода Гоце Делчев. По тој повод македонски државни и други делегации ќе положат цвеќе на неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје и пред спомениците. Во МАНУ, пак, ќе се одржи промоција на Зборникот посветен на „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ во кој се содржани научни реферати презентирани на минатрогодишниот научен собир.

Еден од најголемите идеолози на народноослободителното движење на македонскиот народ кон крајот на 19-от и во почетокот на 20-от век, револуционерот Делчев на денешен ден во 1903 бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер. Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден во патриотско семејство од татко Никола и мајка Султана, на 4 февруари 1872 година во Кукуш, а кое имало девет деца: Руша, Тина, Велика, Елена, Цоца, Димитар, Христо, Милан и Гоце.

Револуционерната дејност на Гоце Делчев започнува уште во текот на школувањето од 1893 година и трае се’ до неговата легендарна и херојска смрт, на 4 мај 1903 година. Во овој период тој се изградува во школуван воен стратег, познавач на воената вештина и тактика, но и организатор и неуморен проширувач на новооформената македонска револуционерна организација (МРО).

Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

Крстарејќи ја цела Македонија во речиси еднодеценискиот период до 1903 година, Гоце Делчев ги создава сите потребни услови за кревање на шороко оштонародно македонско востание. Ваквата негова дејност придонесе македонскиот народ, Гоце, да го доживува како несебичен втемелувач, организатор и осмислувач на вековната борба за национална и социјана слобода. Негова заслуга е изградувањето мрежа на револуционерни реони, воените подготовки на населението, изградба на работилници за оружје, а исто така тој е значаен борец против врховизмот и во напорите за зачувување на автохтоноста на ТМОРО од надворешните влијанија. Гоце Делчев бил достоен учител, неуморен војвода, најзаначаен раководител на ТМОРО и главен иснпектор на четите на македонската револуционерна организација.

Тој активно работел на проширување и зацврствување на организацијата на теренот создавајќи цврсти бази, тајни канали и погранични пунктови за пренесување на оружје и муниција.

 

При честите обиколки на теренот, тој основал месни комитети и го зачленувал населнието во редовите на МРО. Учествувал на Солунскиот конгрес на МРО 1896 година и станал член на ЦК на ТМОРО. До 1901 година Гоце има улога на здграничен претставник, а му била доверена и организацијата на четите на теренот. Гоце Делчев бил неуморен во обиколките на теренот и раководењето на околиските и селските комитети во повеќе региони и места на Македонија.

Во текот на својата револуционерна дејност тој упатувал и искажувал ставови во однос на борбата за слобода на македонскиот народ, а кои останале запаметени меѓу македонскиот народ. Неговите пораки се актуелни и денеска кога Македонија и натаму се соочува со бројни предизвици, попречувања, обиди за негирање, оспорување… Тие и сега покажуваат како треба да се води борба за својот народ и како да се спротивставува на оние коишто не му сакаат добро. Од таквите пораки треба да се учи и да се повторуваат и денеска. Еве, што Делчев тогаш кажувал:

-Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце.

-Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население.

-Тоа е патот за ослободувањето на народите од туѓо его. По него оделе Грците, Србите, Бугарите. По тој пат треба да одиме и ние, Македонците, за да се ослободиме од Турците.

-Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа…

-Македонија има свои интереси и своја политика. Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец.

Инаку, Гоце Делчев пристигнал во Баница на 3 мај 1903 година, а тука во групи од по двајца- тројца пристигнале и останатите востаници од серската и драмската чета. Така гоцевата дружина вкупно броела 21 востаник, а кон неа се приклучило и селското месно население кое логистички ја помагало. Досега во македонската историографија многу е дискутирано дали убиството на Гоце во Баница е резултат на предавство или не и кој е предавникот? Главно сите информации упатуваат на предавство.

На оваа констатација упатуваат и објавените „Турски документи за убиството на Гоце Делчев“ во издание на Државниот архив на Република Македонија.

Откако Османлиите ги собрале потребните податоци за местоположбата и бројната состојба на востаниците стационирани во селото Баница, со преку 300 војници пешадијци на жандермеријата и коњаници пристигнати од Серез и околните места, преку село Броди , турскиот аскер од сите страни го опколил селото Баница.

Била опколена секоја куќа поединечно во која се наоѓале востаниците, но и околината на селото за да не им остават можност на востаниците за повлекување. Жестоката борба помеѓу востаниците и турскиот аскер започнала во 10 часот претпладне на 3 мај 1903 година и траела точно триесет часови, поточно до 2 часот на 4 мај 1903 година. Во нерамната борба, заедно со Гоце, загинале 11 востаници. Од употребените бомби и динамит еден дел од селските куќи каде се забарикадирале востаниците на чело со гоце Делчев биле разурнати. На 4 мај 1903 година Гоце Делчев паднал мртов заедно со своите соборци. Покрај другите, заедно со Гоце загинал и Димитар Гуштанов, околински војвода.

По убиството во 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Претходна вестМомчето кое изврши масакар во Белград пукало оти билo „исфрлено од друштвото“
Следна вестПочнува Саемот на книга, се очекуваат над 30 илјади посетители