И 20-от ден од упадот на руските сили во Украина борбите не престануваат иако има преговори за тоа. Денеска преку видеоврска продолжија руско-украинските мировни преговори за кои е неизвесно дали ќе донесат некаков резултат за прекин на воените дејствија.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска изјави дека руско-украинските преговори продолжуваат за обезбедување на воена неутралност на Украина, во контекст на нејзината демилитаризација.
– Продолжуваат преговорите за обезбедување на воена неутралност на Украина, во контекст на безбедносни гаранции за сите учесници во процесот, во контекст на демилитаризацијата на Украина, за да нема закани за Русија од нејзината територија и во контекст на прекинување на политика за нацификација на земјата, рече Лавров.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеообраќање рече дека украинската делегација „завршила добра работа во текот на вчерашните преговори“, не наведувајќи дополнителни детали.
Во меѓувреме, во Украина бројот на жртвите и на бегалците е се поголем. Агенцијата на ОН за бегалци соопшти дека вкупно 2,95 милиони Украинци ги напуштија домовите од кои 1,8 милиони влегоа во Полска, а други се засолнија во Унгарија, Романија и Словачка.
Бројот на бегалците ќе се зголеми откако конвој од 160 автомобили тргна од опколениот град Мариупол. Ова е прв успешен обид да се организира хуманитарен коридор од тој украински град
Во Киев утрово се слушнале силни експлозии при што се погодени се згради, куќа, метро станица и при кои загинаа четири лица. Руските сили истрелаа ракети врз главниот цивилен аеродром во источниот украински регион Днипро во текот на ноќта, уништувајќи ја нејзината писта и оштетувајќи ја зградата на терминалот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски преку видео врска денеска се обрати на средбата со лидерите на Здружените експедициски сили предводени од британскиот премиер Борис Џонсон.
–Европа мора да ја заштити сопствената безбедност помагајќи и на Украина да се одбрани од Русија, им рече Зеленски на лидерите.
Премиерите на Чешка, Полска и на Словенија отпатуваа за Киев, каде треба да се сретнат со претседателот Володимир Зеленски, како претставници на лидерите на ЕУ. Информацијата утрово беше објавена на социјалните мрежи, од страна на чешкиот премиер Петр Фијала.
– Целта на посетата е да се потврди недвосмислената поддршка на целата Европска унија за суверенитетот и независноста на Украина, појасни Фијала.
Друга цел на посетата, додаде тој, е и да се претстави широк пакет поддршка за Украина и Украинците.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји денеска изјави дека неговата земја „не е страна” во војната во Украина, пренесува ДПА.
Пекинг во принцип ги отфрла санкциите и „Кина има право да ги заштити своите легитимни права и интереси”, рече тој, нарекувајќи го конфликтот во Украина „производ на акумулација и интензивирање на европските безбедносни противречности низ годините”.