Православните христијански верници денеска го чествуваат споменот на Светите 14 илјади мали маченици убиени од Ирод во Витлеем. Во времето кога се родил Исус, римски намесник во Палестина и Идумеја бил Идумеецот Ирод, наречен Велики. Тој бил многу властољубив човек и на престолот успеал да се искачи со лукавство. Го барал Младенецот за да го погуби. Се плашел од Него да не му го земе престолот. Затоа на мудреците им рекол – откога ќе Го најдат Младенецот, да му јават и тој да оди да Му се поклони. Но, тој едно зборувал, а друго мислел.
Црковното предание наведува дека бидејќи Мудреците од исток не се вратија од Витлеем во Јерусалим за да му јават на Ирода за новородениот Цар, туку на заповед од ангел по друг пат заминаа за својата татковина, царот Ирод се разјари како лута ѕверка и нареди да се убијат сите деца на возраст до две години во Витлеем и во сета витлеемска околија. Оваа страшна царска заповед беше извршена доследно. Неговите војници некои деца ги убија со меч, други ги разбиваа врз камења, трети ги гмечеа со нозе, четврти со рацете ги задавија.
И се крена плач и лелек на мајките до небесата; пискот и горко плачење, „Рахил плаче за своите деца и не сака да се утеши за нив, зашто ги нема“, како што е и пророкувано (Јеремија 31, 15; Матеј 2, 18). Ова злосторство над многубројните невини деца се изврши една година по раѓањето на Исуса Христа, на 29 декември. За сето тоа време Ирод трагаше за да Го пронајде Божествениот Младенец. Му го бараше на Захарија син му Јован, се разбира за да го убие, зашто мислеше дека Јован е тој нов Цар. Па бидејќи Захарија не го даде Јован, по наредба на Ирод самиот Захарија го убија во храмот. Ќе го убиеја и светиот Симеон Богопримец, ако после Сретение не се упокоеше во Господа.
Откако ги уби витлеемските деца, Ирод се наврте на еврејските старешини коишто му толкуваа каде треба да се роди Месијата. Го уби првосвештеникот Иркан и други седумдесет старци од Синедрионот. Така, зло завршија и оние коишто се согласуваа со Ирод дека новиот Цар Младенец треба да биде убиен. Потоа ги уби своите – брат му, сестра му и жена му и тројцата свои синови.
Најпосле и него го постигна Божја казна: почна сиот да се тресе, нозете му потекоа, долниот дел од телото му загнои, а од гнојот потекоа црви, носот му се затвори и од него се ширеше неподнослива смрдеа. Пред да издивне се сети дека во затворот има многумина Евреи коишто би се израдувале на неговата смрт, па заради тоа нареди сите да ги убијат. Така ја испушти својата нечовечна душа овој грозен владетел и им ја предаде во вечна сопственост на демоните.