Денот на упокоение на Свети Кирил Солунски, според јулијанскиот календар, денеска чествуваат православните христијански верници во Македонија и пошироко.
Свети Кирил Солунски или Константин Филозоф, роден во 826 година, заедно со својот брат Методиј се основоположници на словенската писменост и култура, и творци на првата словенска абука. Двајцата родени во Солун, преведуваа библиски текстови и книги од грчки јазик на дијалектот на солунските Македонци. Со тоа извојуваа и победа против, во тоа време многу силни застапници на тезата дека постојат само три “светски јазици” кои можат да се употребуваат при вршење на верските обреди: хебрејскиот, грчкиот и латинскиот. Со тоа на светската сцена почна да излегува и словенската писменост и култура.
Историјата забележала дека Св. Кирил и Св. Методиј се родени браќа од Солун, од угледно семејство, со татко Лав и мајка Марија. Токму родителите ги упатуваат своите деца во христијанството. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени, по што станал монах. Константин, пак, своето образование го усовршил во Цариград во императорското Магнаурско училиште, каде, освен богословските науки, се изучувале и граматика, аритметика, географија, астрономија, а ги научил и јазиците – латински, еврејски и сириски.
Подоцна, двајцата солунски браќа почнуваат да добиваат тешки и одговорни задачи од страна на византискиот двор. Најпрво биле испратени во мисија кај Сарацените (Арапите) во Багдад, која како и Хазарската и Моравската мисија претставувале дел од политичката програма на Византија, чија основна цел е да ги христијанизираат другите народи на исток и север од Византија. Секако, клучна за нивната дејност била Моравската мисија.
Тогашниот кнез на Велика Моравија, Ростислав, испратил молба до византискиот цар Михаил III овој да испрати, епископ и учител, кој ќе им објаснува на нивниот јазик за вистинската христијанска вера. Изборот паднал на светите браќа.
За таа, но и за други потреби, по неколкугодишна дејност на браќата, а пред сè на Константин била создадена првата словенска азбука (855 г.), позната како глаголица. Во нејзината основа се поставени јужномакедонските говори од околината на градот Солун (од селата Сухо, Велика и Зарово). Со ова, глаголското писмо или глаголица е најстарата позната словенска азбука чие име доаѓа од старословенскиот збор глаголъ, што значи збор и која тогаш има 41 буква, но нивниот број малку варира во подоцнежните верзии.
И прво нешто што напишале со новите букви било Евангелието, односно, го превеле Светото писмо на мајчин јазик – на старомакедонскиот словенски јазик со македонско наречје
Но, со тоа, биле засегнати интересите на месното германо-латинско духовенство. Тоа било ѓаволски насилено кон словенскиот јазик и започнало борба против него.
На двајцата браќа словенски просветители им било наложено да се упатат кон Рим и своето дело да го бранат од непријателите пред самиот римски папа. Во Рим Константин тешко се разболел, бил потстрижан и како монах го добил името Кирил и по 50 денови починал на 27 февруари 869 година. Самиот папа Адријан го извршил погребот во црквата „Свети Климент Римски“ каде и сега се наоѓаат неговите мошти. Житието на свети Кирил е напишано од свети Климент Охридски со помош на свети Методиј, Моравскиот архиепископ, брат на свети Кирил.
Македонскиот архиепископ г.г. Стефан денеска е во Рим каде по повод на 1155-годишнината од блаженото упокојување на сесловенскиот просветител свети Кирил Солунски ќе отслужи Молебен на неговиот гроб во базиликата „Свети Климент“.
Г. г. Стефан, како што соопшти неговиот кабинет, на патувањето е придружуван од митрополитот Европски г. Пимен, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи г. Даријан Сотировски, професорот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ и поранешен македонски амбасадор во Ватикан, проф. Ѓоко Ѓорѓевски, како и од свештенослужители од Скопската епархија. На Молебенот ќе сослужува и митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф.
Во текот на посетата, г. г. Стефан денеска официјално ќе биде примен од поглаварот на Католичката црква, Папата Франциск.