Православните христијански верници денеска, покрај празникот Задушница, го чествувата и празникот посветен на Светиот цар Константин и Светата царица Елена. Поради нивните заслуги во признавањето и ширењето на христијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите. Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи по подолго прогонување на христијанството тој е првиот владетел на големата Римска империја што ја признал оваа вера. Во 313 година, тој го издаде познатиот Милански едикт, со што се прекина тривековниот прогон на христијаните во Римската империја. Со него почнува една нова, христијанска ера во Римската државна историја, а тоа Константин го одбележи со пренесувањето на престолнината од древниот многубожечки Рим, во новиот град Константинопол.
Култот кон Константин и Елена почнал да се шири во IV век, а во црковните песни царот Константин, кој уште се вика и Константин Велики се споредува со светиот апостол Павле. Останал забележан како втемелувач на христијанството и основач на Цариград (Константинопол).
Родители на Константин му беа царот Констанциј Флор и царицата Елена. Флор имаше уште деца и други жени, но од Елена го имаше само овој Константин. Три големи борби имаше Константин кога се зацари: една против Максенциј, тиранин во Рим, друга против Скитите на Дунав, и трета против Византинците. Пред борбата со Максенциј, кога Константин имаше голема грижа и се сомневаше во својот успех, му се јави сред бел ден блескав крст на небото, сиот закитен со ѕвезди, а на крстот стоеше напишано: „Со ова победувај!“ Восхитен, царот нареди да му исковаат голем крст, сличен на тој што му се јави и да го носат пред војската. Со силата на Крстот тој стекна славна победа над бројно надмоќниот непријател. Максенциј се удави во реката Тибар. Веднаш потоа Константин го издаде прочуениот Едикт, во Милано, во 313 година, за престан на гонењата на христијаните. Откако ги победи Византинците, тој изгради прекрасна престолнина на Босфор, којашто оттогаш се нарече Константинопол. Но, пред ова Константин западна во тешка проказна болест (лепра). Жреците и лекарите го советуваа да се бања во крв од заклани деца, но тој тоа го одби. Тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Павле и му рекоа да го побара епископот Силвестер, којшто ќе го излечи од страшната болест. Епископот го поучи во христијанската вера и го крсти и проказата исчезна од телото на царот. Кога во Црквата настана раздор заради смутливиот еретик Ариј, царот го свика Првиот Вселенски Собор во Никеја, во 325 година. Овде се осуди ереста, а се утврди Православието.
Благочестивата мајка на царот, светата Елена, ревнуваше усрдно за верата Христова. Таа го посети Јерусалим и го пронајде Чесниот Крст Господов и на Голгота ја изгради црквата на Воскресението, и уште многу други цркви по Светата Земја. Во својата осумдесетта година оваа света жена се престави кај Господа, во 327 година. А царот Константин ја надживеа мајка му за десет години и се упокои во својата шеесет и петта година, во 337 година, во градот Никомидија. Неговото тело беше погребано во црквата на светите апостоли во Цариград.