Се готви амнестија за прекршителите на ковид-мерките

Ослободување од плаќањето казна или одење во затвор заради прекршување на препораките за заштита од корона вирусот ќе биде суштината на законот со кој ќе се амнестираат прекршителите на ковид мерките. Предлогот на законското решение го подготуваат пратениците од владината коалиција и тој е веќе во напредна фаза.

-Законот е во завршна фаза и наскоро ќе биде предложен на Собранието. Се предвидува да важи за сите граѓани, без разлика на нивната социјална положба, изјави за Сител пратеничката Снежана Калеска-Ванчева.

Една од целите на законот е социјалниот момент, односно да им се помогне на граѓаните кои не можат да ги платат казните кои се движеа од 1 до повеќе илјади евра за двете кривични дела – Пренесување заразна болест и Непостапување според здравствените прописи во време на пандемија. Законот, според наши информации, нема да важи за фирмите, за институции, за угостителски објекти и за други правни лица кои не ги почитуваа уредбите и мерките ниту за нивните одговорни лица.

Другиот апсект е да се избегне пренатрупаноста на затворите, бидејки сите оние кои во рок од две години нема да ги платат паричните казни, казната им се заменува со затворска. Само во Кривичниот суд до сега, 280 неплатени парични казни, се променети со затворски, а 205 осудени лица веќе добиле упатни акти да одат во затвор. Во овој суд се и најголем број од граѓаните казнети поради неносење на маски, поради непочитување на мерките за изолација на почетокот и за прекршување на полицискиот час или 1223 граѓани и иницијативата за амнестија дошла од таму. Инаку, во сите судови во државата за двете кривични дела парични казни добиле над 6.000 граѓани. Законот треба да ја уреди постапката како на овие граѓани паричните казни да им се заменат со условни и начинот на кој ќе се одвива постапката за амнестија.

Фото: Архива/илустрација

Претходна вестУапсени откако украле бакарни плочи тешки околу 200 килограми
Следна вестТри деца се повредени во школски двор во Чаир