Се готви ли мировен план од 15 точки во Украина или оружјето ќе биде погласно?

По 22 дена од упадот на руските сили во Украина се уште се бара начин воените дејствија да престанат. И покрај повеќе одржани преговори меѓу претставниците на Украина и Русија за сега оружјето е погласно.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски објави ново обраќање на Фејсбук во кое рече дека неговите приоритети и приоритетите на Украина во преговорите се апсолутно јасни – крај на војната.

– Моите приоритети во преговорите се апсолутно јасни. Крај на војната, гаранции за безбедност, суверенитет, враќање на територијалниот интегритет, реални гаранции за нашата држава, вистинска заштита на нашата држава, потенцира Зеленски.

Од друга страна, рускиот претседател, Владимир Путин вчера изјави дека неговата воена кампања во Украина е успешна и нема да дозволи таа држава да биде „отскочна даска“ што би користела како закана кон Москва.

– Операцијата се одвива успешно и во строга согласност со плановите, истакна Путин за време на владин состанок.

Тој додаде дека Русија нема друг избор освен да испрати војници, „нема да дозволиме Украина да служи како отскочна даска за агресивни дејствија против Русија“.

– Ако Западот мисли дека Русија ќе се повлече, тогаш не ја разбира Русија, нагласи тој.

Британски весник „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на три лица вклучени во преговори обајави дека е постигнат напредок во преговорите и дека се прави рамковен мировен план од 15 точки. Тој план вклучува прекин на огнот и повлекување на Русија доколку Киев прогласи неутралност и прифати ограничувања на своите вооружени сили.  

Во меѓувреме, на теренот продолжуваат воените дејствија. Градоначалникот на украинскиот град Мариупол Вадим Бојченко вчера изјави дека повеќе од 1.000 луѓе биле во театарот во опколениот украински град и кој бил цел на руско бомбардирањеТој ја објави информацијата на својот канал на Телеграм рано утринава, нарекувајќи го инцидентот „уште една трагедија“.

Руските сили го ослободија градоначалникот на градот Мелитопол, кого го заробија минатата недела, соопшти денеска шефот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, Андриј Јермак. Според властите тој бил разменет за деветмина руски војници, заробени во Украина.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека Русија официјално го напуштила Советот на Европа, бидејќи не сакала да биде „вреќа за удирање“. Захарова воедно оцени дека земјите кои испорачуваат оружје на Украина, вклучувајќи го и планот на Словачка, си создаваат проблеми.

 

Претходна вестНа Аеродром му требаат нови паркинзи, а не само зонско паркирање
Следна вестПриведен крадец во Скопје, одземеното вратено на сопствениците