На инфективните одделенија во земјава се лекуваат вкупно 457 пациенти позитивни и сомнителни на корона вирусот, од кои 264 во болниците низ земјава и 193 на инфективните одделенија во главниот град. Во ковид-центрите има околу 680 празни болнички кревети, информираат од Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 12 нови пациенти поради компликации од корона вирусот, додека вкупно 193 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
Во последното деноноќие, на Интерните клиники немало приеми.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 2 примени пациенти и 10 биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 19 оздравени пациенти. Во ковид-центрите на интерните клиники се лекуваат 45 пациенти.
Поради намалениот број на болни, од МЗ информираат дека болниците затвориле дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти.